Надојдената Треска загрозува некои од мостовите


Вечерва и ноќва  ќе се задржи високиот водостој во горниот тек на реките Вардар и Треска поради што од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредуваат дека, поради големите води и големата брзина на течење, можат да бидат загрозени дел од времените мостови по течението на Треска. Поради тоа тие повикуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ земјата.

Во текот на ноќта и утре изутрина исто така се очекува зголемување на водостојот на реката Вардар во средниот дел од течението.

На истокот од земјата состојбата е мирна. Единствено посериозно зголемување на водостојот имало во крајниот долен дел од сливот на реката Струмица како резултат на зголемените притоки.

УХМР ги објави и податоците за паднатиот дожд во изминатите девет часа. Според нив,  заклучно со 16 часот, најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 л/м², потоа во Штип – 16 л/м², Попова Шапка – 14 л/м² и Берово – 12 л/м², информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).По 10 литри на метар квадратен се измерени во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м² во Прилеп.

Покрај тоа од УХМР предупредуваат дека на повеќе места низ државата има интеракција меѓу подземните и површинските води, како и појава на локални заезерувања поради врнежите. Наспроти зголемувањето на водостојот на реките Вардар, Црна и Треска, кај помалите реки се прогнозира постепена стагнација и намалување во вечерните часови.