Надминати дилемите за оданочување за ИТ услугите


Конечно се надминуваат дилемите за местото на настанување на услугите и со тоа се прецизира ослободувањето од обврска за засметување ДДВ при извозот на ИТ услуги. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција што се одржа во Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ на тема: Автентично толкување на член 14 од Законот за данок на додадена вредност дадено од Собранието на седницата одржана на 16 мај.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, генералниот секретар во Владата Драги Рашковски, МАСИТ и Македонија 2025 ја поздравија ваквата одлука на Собранието.

– Во почетокот немаше никакви дилеми при примената на овој член, но со појавата на новите услуги последниве години, при вршење на инспекциски надзор од страна на Управата за јавни приходи се појави дилема кои услуги можат да се поведат под овој став, поточно се започна со многу рестриктивна примена на начин што инспекторите бараа секоја услуга да ја прочитаат експлицитно наведена во законот. Од тие прични фирмите од ИТ индустријата, како и останатите извозници на интелектуални услуги, се соочија со сериозен ризик од дополнително задолжување со обврска за ДДВ, појасни Маријана Андриќ, претставник на МАСИТ.

Таа подвлече дека автентичното толкување на овој член е единствено решение за двете засегнати страни- даночниот орган и стопанството.

– Едноставно премногу ригидно се толкуваат одредени законски норми и апсолутно треба државата да биде во функција на бизнисот и граѓаните, а не обратно. Се доведовме во ситуација дека мора да имаме некој вид на автентично толкување за да не правиме законски измени, за компаниите да немаат проблеми во своето работење, изјави Манчевски.

Манчевски посочи дека ова е уште еден пример на добра соработка меѓу бизнис и јавниот секторот.

– Ова е една од најбрзорастечките индустрии кај нас, ние се обидуваме да ја направиме Северна Македонија новата ИТ дестинација и ова е дополнителен импулс кој треба да ги мотивира и постоечките компании да го прошират своето работење, но и нови да дојдат тука. До крајот на годината ќе го намалиме и данок на добивка за ИТ компании, една палета на мерки што треба да не направи атрактивни како земја за инвестиции во овој дел, рече Манчевски.

Рашковски се надева дека во иднина ќе изнајдат некој механизам да ги дефинираат ИТ услугите, да му дадат на оној кој ќе биде инспектор формата на ИТ услугата ја пронајде во генерички дефинираните ИТ услуги. Тој ја поздрави ваквата одлука на Собранието и ги охрабри ИТ компаниите да продолжат да инвестираат во нашата држава.

Потребата од автентичното толкување на членот 14, поточно став 3 од овој Закон се појави поради несоодветниот начин на толкувањето на овој член во делот на најразлични ИТ услуги, маркетинг, административни и сл. кои беа несоодветно третирани од страна на инспекциските органи при контролата кај даночните обврзници. Овој член го дефинира местото на оданочувањето според местото на настанување на услугите при што уште со донесувањето на Законот во 1999 година, местото на настанување на услугите од информатичката технологија се смета местото каде се наоѓа корисникот на услугата, односно сите овие ИТ услуги беа опфатени со еден термин: Услуги на електронска обработка на податоци и давање информации, вклучувајќи know-how и експертиза, појаснија од МАСИТ.