Надал загрижен за условите на „Ролан Гарос“


12-кратниот шампион на „Ролан Гарос“, Рафаел Надал одигра само три натпревари во последната половина година, но Матадорот се смета за главен фаворит на турнирот, со оглед на неговата историја во Париз.

Шпанецот пристигна во престолнината на Франција пред неколку дена и ја коментираше неговата адаптација кон спецификите на турнирот оваа сезона.

Тој ја сподели својата загриженост за ниските температури и топките со кои ќе игра, откако тие може да доведат до повреди.

– Условите оваа година се многу тешки. Времето е екстремно ладно, што е дефицит за сите нас. Денес температурата беше во опсег од 9-10 степени, и ова се премногу екстремни граници за играње тенис на отворено. Новите топки не се погодни за играње на земја, но го прифаќам предизвикот. Тренирав со нив на Мајорка и се чинеа премногу тешки. Во ова студено време мислам дека можат да бидат опасни и да доведат до повреди. Организаторите треба да размислат за ова во иднина, бидејќи овие топки се лоши за лактите и рамената на играчите. Овие дефинитивно ќе бидат најтешките услови со кои некогаш сум морал да се справам на овој турнир, изјави 19-кратниот освојувач на Гренд-слем турнири.

Со успех тука, тој ќе го изедначи рекордот на Роџер Федерер од 20.