Надал во спектакуларен меч го победи Ѓоковиќ за полуфинале на Ролан Гарос (видео)


Во четвртфиналето на Ролан Гарос во најочекуваниот меч оваа година, Рафаел Надал го совлада Новак Ѓоковиќ со 6-2, 4-6, 6-2, 7-6 (4).

Надал така остана во игра за 22. Грен слем титула при што дури 14 на париските земјени терени.

Ова за Шпанецот беше 29. победа во меѓусебните средби, Ѓоковиќ има една повеќе, но Надал има предност од 11-7 на Грен слем турнирите.

Фантастичната пресметка меѓу двајцата тениски великани траеше четири часа и 16 минути, а ќе траеше многу подолго доколку не се случеше голем пресврт во четвртиот сет, односно доколку Ѓоковиќ успееше да го однесе мечот во петтиот сет.

Ѓоковиќ направи брејк во раната фаза од решавачкиот четврти сет, поведе со 3-0 и се чинеше дека се движи во насока на петти сет, особено откако стигна и до 5-2. Но потоа Надал се извлече од бездната, при резултат 5-4 за Ѓоковиќ одбрани две сет-топки и успеа да го одведе сетот во тај-брејк во кој Ѓоковиќ се распадна.

Што се однесува до претходната фаза од мечот, Надал дојде до брејк во првиот гем и навести во која насока ќе оди првиот сет.

Вториот сет понуди многу загубени сервиси на двете страни. Надал го отвори со два брејка и 3-0, но Ѓоковиќ успеа да најде сили и да го сврти во своја полза, па по час и 28 минути игра израмни во сетови.

Надал во третиот повторно беше фуриозен, за 41 минута дојде до 6-2, а потоа следеше веќе опишаното шоу во четвртиот.

Шпанецот во полуфиналето ќе игра против Германецот Александар Зверев, кој во четвртфиналето по три часа и 20 минути го победи Шпанецот Карлос Алкараз со 6:4, 6:4, 4:6, 7:6 (7).

Во преостанатите два четвртфинални натпревари ќе играат Норвежанецот Каспер Руд и Дане Холгер Руне, како и Хрватот Марин Чилиќ и Русинот Андреј Рубљев.