Надал беше пресилен за Ѓоковиќ во финалето во Рим


Шпанецот Рафаел Надал триумфираше вечерва на тенискиот мастерс во Рим совладувајќи го по голема борба во финалето бранителот на трофејот Србинот Новак Ѓоковиќ со 2:1 во сетови.

Надал го освои првиот сет со 7:5, но најдобриот светски тенисер експресно возврати во вториот сет препуштувајќи му на противникот само еден гем.

Шпанскиот тенисер направи брејк на сервис на Ѓоковиќ во третиот сет што го реши во своја корист со 6:3 и стигна до својата десетта титула на терените во „Форо Италико“.

За Ѓоковиќ ова беше негово 11. финале во Рим по кое остана на петте трофеи.

Шпанецот ја намали предноста на Ѓоковиќ во меѓусебните дуели на 29:28, а воедно и се израмни со српскиот тенисер според бројот на освоени мастерси во кариерата – 36. 

По 1:1 во сетови Надал притисна повеќе во решавачките моменти на нивниот 57. меѓусебен меч со првиот носител Ѓоковиќ  (деветти меѓу нив двајца во Рим) за да ја обезбеди победата над бранителот на титулата за два часа и 49 минути. Ѓоковиќ делуваше малку воздржано, па може да се каже и донекаде уморно, имајќи предвид дека вчера играше два многу тешки меча: утрината продолжението со Стефанос Циципас, авечерта полуфиналето со Италијанецот Лоренцо Сонего.

„Имав среќа во некои моменти, особено против [Денис] Шаповалов“, рече Надал, осврнувајќи се на мечот во осмина финалето, кој го доби во тај-брејк во решавачот.

„И мислам дека одиграв добар турнир, играв подобро и подобро, наоѓајќи го својот ритам на земја. Имав многу позитивна недела и многу сум среќен“, рече Надал по мечот.

„Неверојатно е да го имам овој трофеј во моите раце по 10-ти пат. Тоа е нешто невозможно да се замисли, но тоа се случи, па јас сум супер среќен и не можам доволно да му се заблагодарам на мојот тим“.

Тој објасни како напредувал во формата.

„Мислам дека играв сè подобро и подобро со мојот форхенд во изминатите неколку недели, кој стануваше посигурен. Денес беше позитивен ден… Тоа е огромно подобрување за мене, [многу важен удар]. Особено на земја, тоа ми дава самодоверба. Мислам дека и мојот сервис работи подобро. Мислам дека имав одлична недела. Играв многу часови, така што се чувствувам добро. Се чувствувам уморен, но [тоа] е многу задоволувачка победа“, рече Надал.

За него и за Ѓоковиќ сега следи Ролан Гарос кој почнува на 30 мај. Надал оди на 14. трофеј во Париз.