Надал го откажа учеството на Вимблдон и Олимпијадата


Рафаел Надал објави дека нема да игра на Вимблдон или на Олимписките игри ова лето. Надал, кој има 35 години и ја освои последната од двете титули на Вимблдон во 2010 година, го соопшти тоа на својот Твитер профил.

Тој напиша: „Одлучив да не учествувам на овогодинешното првенство на Вимблдон и на Олимписките игри во Токио. Никогаш не е лесно да се донесе ваква одлука, но откако го слушнав моето тело и разговарав за тоа со мојот тим, разбирам дека тоа е правилна одлука“.

Надал секогаш сметаше дека преминот од глина на трева е тежок за неговото тело и со само две недели помеѓу Отвореното првенство на Франција и Вимблдон оваа година, има помалку време за прилагодување. На Ролан Гарос оваа година тој заврши со пораз во полуфиналето од Новак Ѓоковиќ во драматичен и историски меч по 4 часа и 11 минути.

Тој додаде: „Целта е да ја продолжам кариерата и да продолжам да го правам она што ме радува, тоа е да се натпреварувам на највисоко ниво и да продолжам да се борам за тие професионални и лични цели на максималното ниво на конкуренција.

„Фактот дека имало само две недели помеѓу РГ и Вимблдон, не ми го олесни опоравувањето на телото по секогаш напорната сезона на земјени терени. Тоа беа напорни два месеци и одлуката што ја донесов е фокусирана на перспективата на среден и долг рок“.

Надал е двоен олимписки шампион, освои злато во сингл во Пекинг во 2008 година и во двојки заедно со Марк Лопез во Рио во 2016 година, кога на церемонијата на отворањето го носеше и знамето на Шпанија.