Надал го декласира Ѓоковиќ и го освои 20-от Грен слем турнир


Франција– Рафаел Надал денес е рамо до рамо со Роџер Федерер по бројот на Грен-слем турнири. Шпанецот го декласира Ѓоковиќ со 3-0 во сетови (6-0, 6-2, 7-5) за нешто повеќе од два часа во финалето на Ролан Гарос. Ова е историско постигнување, 13-ти трофеј од Париз за Шпанецот и вкупно 20-ти Грен слем турнир, исто колку што има и Федерер.

Иако тениските аналитичари веруваа дека Ѓоковиќ ќе игра на што пократки поени против големиот ривал, тоа не се случи на самиот старт од финалето. Надал имаше решение за секој налет на Србинот и веднаш му одзеде сервис, по што следуваше потврда на брејкот и водство од 2-0.

Ништо не се промени ниту во вториот гем на сервис на Ноле, затоа што подвижниот Рафа повторно беше на ниво и ги искористи грешките на противникот и веќе имаше убедливи 3-0. Ѓоковиќ конечно заигра како што посакуваше, неговите „дроп-шотови“ го растрчаа Надал, но кога беше најпотребно Шпанецот беше поконцентриран и спаси три брејк топки и се одлепи на 4-0. Ѓоковиќ продолжи со очајните игри и во следните два гема, па Рафа со убедливи 6-0 го освои првиот сет од големото финале.

Покрај тоа, Надал ја намали разликата во меѓусебните средби со српскиот тенисер на 27:29 (18:7 на земја, 7:1 на Ролан Гарос).

Наградниот фонд на Грен слемот во Париз изнесуваше 38 милиони евра.