Надал е песимист околу враќањето на тенисот во нормала


Ќе биде многу тешка работа да се врати кондицијата и ќе ви треба многу дисциплина и многу страдање, вели светскиот рекет број 2 (Фото: Ројтерс)

Рафа Надал изјави дека е многу песимист во врска со можноста тенисот во скоро време да се врати во нормала поради новата пандемија на корона вирус што го затвори спортот минатиот месец.

Професионалниот тенис е суспендиран до крајот на јули, најрано, а Шпанецот во неделата изјави дека сериозни проблеми стојат на патот на продолжување.

„Од моја гледна точка, јас сум многу песимист дека може да се продолжи со нормална активност“, рече светскиот број два во онлајн разговор организиран од Шпанската тениска федерација.

„Во тенисот, треба да патувате секоја недела, да престојувате во хотели, да одите во различни земји. Дури и ако играме без публика, за да организирате настан ви требаат многу луѓе, што не може да се игнорира. На меѓународно ниво, гледам сериозен проблем“.

Избувнувањето на корона вирусот го десеткува светскиот спортски календар, принудувајќи одложување на Олимписките игри, во кои спаѓаат тенисот, и откажувањето на Вимблдон.

Организаторите на Франс опен го презакажаа тој настан за крајот на септември, кратко време по УС Опен, иако Надал рече дека јавното здравје има предност пред тениските турнири.

„Веќе многупати рековме дека сме во многу тежок момент, за секого“, додаде Надал.

„Чекор по чекор изгледа дека работите се малку помалку лоши, но поминавме многу тежок еден и пол месец, многу непоправливи загуби и други загуби што се помалку важни, кои без сомнение ќе предизвикаат страдање во општеството во наредните месеци.

„Се надевам дека нема да поминат неколку месеци, бидејќи тоа е исто така и економско прашање. Многу луѓе ќе ги загубат своите работни места. Овие се тажни моменти кога гледате како многу луѓе умираат“.

Надал (33) рече дека дури и кога тенисот ќе продолжи, играчите ќе треба да го вратат нивото на кондицијата.

„Ќе биде многу тешка работа да се врати кондицијата и ќе ви треба многу дисциплина и многу страдање“, рече тој. „Колку побрзо можеме да ја продолжиме активноста, толку подобро. Од гледна точка за враќање на натпревари, јас сум песимист. Но, има многу други работи поважни од тенисот“.

Шпанија е особено лошо погодена од вирусот со 226.629 инфекции и 23.190 смртни случаи.

Надал треба да игра во „виртуелниот“ Мадрид опен со почеток во понеделник со 32 најдобри светски играчи во компјутерска верзија на турнирот. (Ројтерс)