Над сто луѓе се заразиле со корона вирусот на миса во Франкфурт

ФРАНКФУРТ, ГЕРМАНИЈА Историскиот плоштад „Ромерберг“ е едно најважните туристички места на градот

Германските власти се обидуваат да ги идентификуваат сите кои присуствувале на миса во баптистичка црква во Франкфурт овој месец, откако најмалку 107 луѓе имале позитивен тест на коронавирус.

Црквите во сојузната држава Хесе, каде што се наоѓа и Франкфурт, повторно почнаа да одржуваат богослужби од 1 мај, откако беа олеснети рестриктивните мерки, при што мора да се почитуваат социјална дистанца и строга хигиена.

„Оваа ситуација ни покажува колку е важно да бидеме претпазливи, особено сега кога се олеснети рестрикциите. Вирусот и натаму е тука и се шири“, изјави регионалниот министер за здравство Каи Клозе.

Властите веруваат дека мисата од која што се проширила заразата се одржала на 10 мај. Нејасно е дали сите 107 заразени биле присутни или бројката ги вклучува и оние кои биле во контакт со некој оттаму.

Според институтот за заразни болести „Роберт Кох“, бројот на заразени во Германија порасна на 178.281, а починале 8.247 луѓе.