Над илјада компании сакаат кофинансирање проекти


Над 1.100 компании подигнале апликациски пакети за добивање кофинансирани грантови по вториот повик на Фондот за иновации и технолошки развој што трае до 15 ма и има буџет од околу пет милиони евра. Фондот ги охрабрува сите заинтересирани компании да аплицираат за инструментот кој овозможува комерцијализација на иновациите и технолошки развој.

„Фондот е отворена државна институција. Нашата цел е да ги приближиме можностите за финансирање пред економијата, стопанските субјекти од регионот. Започнавме со серија на средби надвор од главниот град. Сакаме да ги охрабриме компаниите да ги разгледаат можностите кои ги нуди Фондот и да аплицираат. Бројот на досега подигнати апликациски пакети говори за интересот кај компаниите, но и за довербата која ја имаат кон процесите што ги развива Фондот“, рече директорот на Фондот Јован Деспотовски во Регионалната стопанска комора во Кавадарци, каде што ја презентираше програмата.

Цел на активностите е поттикнување и зголемување на активностите за истражување и развој во приватниот сектор, охрабрување на соработката меѓу приватниот сектор и на компаниите со високообразовните и научноистражувачките установи. „Наш интерес е да има што повеќе и што поквалитетни проекти. Иновациите се применливи во сите сектори на економијата. На сите регионални средби се покажа дека има интерес од сите сектори, особено делот на производството, што особено не радува. Сето тоа треба да поттикне еден позитивен циклус на постојано зголемување на средствата што се одвојуваат можеби од други непродуктивни трошоци и се ставаат на располагање на економијата“, додаде Деспотовски.