Над 90.000 лица заразени од корона вирусот, досега починале 3.119


Вкупниот број на заразени лица со корона вирус во светот достигна 90.032 лица, а бројот на починати 3.119, е најновиот биланс што го објавија Си-Ен-Ен и порталот Ворлдметер, пренесе МИА.

Досега од заразата се излекувале вкупно 48.175 лица.

Бројот на заразени расте побрзо надвор отколку во Кина, земјата која беше примарно жариште на заразата.

Во Кина досега заболеле вкупно околу 80.200 лица, од кои во моментов има околу 30.000 активни случаи и 125 новозаболени.

Во Јужна Кореја вкупниот број на досега заразени изнесува малку помалку од 5.000, од кои 600 се нови случаи, 28 се починати и 4.812 се активни, пренесуваат британските медиуми.

Италија и Иран немаат новорегистрирани случаи на заболени. Во Италија вкупно се заболени 2.040 лица, а во Иран околу 1.500. Во Италија досега починаа 52, а во Иран 66 лица.

Во САД се регистрирани три нови случаи,а во Австралија, Пакистан и Еквадор има по еден новозаболен.

Високиот американски здравствен претставник, Мајкл Адамс, апелираше до Американците да престанат да купуваат медицински маски бидејќи не се ефикасна заштита од ширење на заразата, но затоа се неопходни за медицинскиот персонал кои ги лекува заболените, пренесе Си-Ен-Ен.

Интерактивната мапа што ја подготвија научниците од реномираниот американски универзитет „Џон Хопкинс“, пак, покажува дека бројот на заразени во светот веќе се приближува до 91.000 лица, од кои во Кина над 80.151, во Јужна Кореа 4.812, во Италија 2.036 и во Иран 1.501. Во другите земји бројот на заразени лица е многу помал. Овие бројки се однесуваат на состојбата утринава до 8,53 часот.

Хрватските медиуми утрово јавија дека во оваа земја е регистриран деветтиот случај на инфициран од корона вирус. Станува збор за помлад маж во Вараждин, пренесуваат медиумите во Хрватска.