Над 760.000 казни за непочитување на рестриктивните мерки во Франција


Француските сили на редот за еден месец од стапување во сила на ограничувачките мерки за движење, извршиле над  12,5 милиони проверки, притоа изрекле  762.106 казни за непочитување на мерките.

-Силите на редот извршија скоро 12,6 милиони проверки и изрекоа  762.106 казни,  изјави министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, за време на сослушувањето од страна на контролната мисија на мерките поврзани со епидемијата „Ковид-19“, основана од Комисијата за правни прашања во Сенатот.

Кастанер наведе дека во просек 100.000 припадници на силите на редот се мобилизирани за спроведување на овие проверки, а за време на на велигденскиот викенд или на почетокот на училишните празници 160.000.

Тој исто така појасни дека се воспоставени „специфични организациони доктрини“ за да може полицијата да продолжи, заедно со нејзината мобилизација заради здравствениот контекст, да се бори против терористичка закана „која е непроменета и за жал постојана “.