Над 55.000 граѓани во саботата ја искористиле 24-часовната работа на јавниот превоз во Атина


 Веќе е реалност 24-часовната работа на метрото и трамваите во сабота. Првата ноќ помина организирано со доволен персонал и целосна безбедност, додека одзивот од граѓаните беше позитивен, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во однос на воведеното работење на атинскиот јавен превоз во текот на целото деноноќие секоја сабота, јави дописничката на МИА од Атина.

Од саботата и секоја сабота метрото, трамваите и 20 автобуски линии ќе сообраќаат 24 часа, а Маринакис, на денешниот редовен брифинг со новинарите, посочи дека новата можност ја искористиле огромен број граѓани со над 55.000 валидирани билети.

Додаде дека за да функционираат ноќните линии биле ангажирани 339 вработени во градскиот превоз, како и и дополнителен број полицајци кои вршеле патроли на станиците и во вагоните на метрото во текот на целата ноќ.

Како што објави МИА во саботата, целта на иницијативата на Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција е безбедно движење на патниците, се однесува пред сè на младите и на намалување на сообраќајните несреќи во вечерните часови, а во исто време, „ги поддржува туризмот, забавата и економската активност, подобрувајќи ја сликата на Атина како европска метропола“.