Над 50 млади лекари ќе работат на инфективните одделенија

Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче денеска одржа средба со младите лекари, од кои 51, од тие што добија лиценца за работа во јули, годинава, ќе бидат ангажирани на инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19. Новите лекари ќе бидат ангажирани со договор на дело со 30.000 денари месечно  платена пракса.

-Поголем дел од младите лекари, односно 51, од тие што добија лиценца за работа во јули, годинава, веќе се пријавени за вработување во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19, а паралелно со тоа веќе е обезбеден буџет за нивно ангажирање во здравствените установи. Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи, како што се здравствени домови и општи болници со проширена дејност, што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа, истакна Филипче.

На средбата, како што соопшто Министерството за здравство, било посочено дека младите лекари веќе ја гледаат својата иднина во јавното здравство во нашата земја и активно учествуваат во креирањето на здравствените политики.

-Со овие одлуки ги охрабруваме младите самите да преземат одговорност.  Се стремиме да го подобриме системот заедно со сите предизвици со кои се соочуваме во моментов, а паралелно со тоа продолжуваме и со вработувањата.  Во тек се и други активности кои ќе ја подобрат работата со пациенти, следење на новините во медицината и практичните искуства. Се разгледува и можноста за воведување тест со теоретско знаење, пракса и евалуација на личност, што во моментов го нема кај нас, а е потребно. Сето ова ќе придонесе за натамошно унапредување на статусот и условите за работа на младите доктори, нагласи Филипче.

Со законската измена на законот за здравствена заштита, донесен во јануари, минатата година, за првпат се овозможи секој млад доктор, по стекнувањето лиценца, веднаш да влезе во системот на примарна здравствена заштита за работа со пациенти во рок од шест месеци со месечен надомест од 30.000 денари.