Над 40 филмови достапни за бесплатно гледање онлајн на 12-от „Мобил фестивал“
Четириесет и еден филм од 27 земји ја чинат програмата на годинaшното 12-то издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“. Фестивалот ќе се одржува во хибридна форма од денеска до 1 декември преку платформата „Cinesquare.net“, и во Кинотеката на Северна Македонија на 1 декември.
Годинaшното мото е „Филмот продолжува“. Како што соопштија од тимот на „Мобил фестивал“, на конкурсот за годинава пристигнале повеќе од илјада филмови од целиот свет, од кои во навистина тежок избор беа избрани најдобрите, меѓу кои и три македонски филмови.
Од минатата година филмовите од програмата се достапни во 13 земји од регионот со што Мобил фестивал добива регионална димензија.
Сите филмови се бесплатни за гледање. Традиционално, филмовите ќе се натпреваруваат за признанието „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар филм, а ќе бидат доделени и награди за најоригинална приказна, за најинвентивен филм и за најдобра идеја, за кои ќе одлучи тричлено жири.
Организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, а проектот е поддржан од Град Скопје.