Над 4.800 нови работни места во ТИРЗ за три години, во октомври 17 769 вработени


Заклучно со октомври годинава во компаниите во Технолошко индустриските развојни зони бројот на вработени се искачи на 17 769 што е за 10 проценти повеќе од истиот период лани.

Најновата анализата на Дирекцијата покажува дека споредено со истиот период во 2021 година имаме раст од 28 проценит, а споредено со 2020 година, има пораст од над 32 проценти. Според анализата, за три години, споредено со просечниот број на вработени во 2020 досега над 4 800 граѓани добиле нови работни места во зоните.

-Дополнително, извозот во октомври ја надмина границата од 3 милијарди и 100 милиони евра, што е на исто ниво споредено со минатата година, но за 25 проценти повеќе споредено со првите десет месеци од 2021, односно за 50 проценти повеќе споредено со истиот период во 2020 година. Само во октомври компаниите во ТИРЗ достигнале извоз од речиси 300 милиони евра. Компаниите во ТИРЗ од почетокот на годинава досега оствариле увоз од над 2 милијарди и 500 евра. Тоа е на речиси исто ниво, споредено со истиот период лани, односно за 5 проценти повеќе во однос на 2021, и за 50 отсто во однос на 2020 година, се наведува во соопштението од Владата.

Оттаму информираат дека поради ваквите економски движења, нето извозот заклучно со октомври е во позитива и изнесува 21 отсто, што е за 10 проценти споредено со истиот период лани.

Во соопштението се наведува дека се очекува ваквиот позитивен тренд на раст да продолжи до крајот на годинава поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Само годинава се склучени договори во вредност од 350 милиони евра каде веќе се реализираат дел од планираните 6.000 нови работни места.

-За Владата, ова е уште една потврда дека нудиме стабилен деловен амбиент, и пред сѐ предвидлив за компаниите да може да ги реализираат своите долгогодишни планови. Сѐ ова е резултат на новиот концепт на Владата и ТИРЗ за привлекување на странски инвестиции за што секој потенцијален инвеститор задолжително доставува 10 годишен инвестициски план врз база на кој се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата во инвестицијата, соопштуваат од Владата.