Над 35 илјади граѓани се пријавиле за вакцинирање против сезонски грип


Фото: Б. Грданоски

Вкупно 35.811 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против сезонски грип. Досега вакцината ја примиле 6,099 граѓани, информираат од Министерството за здравство. На веб страната vakcinacija.mk, на Министерството за здравство, можат да се добијат потребните податоци во врска со вакцинирањето како и да се пријавуваат заинтересираните граѓани за вакцинација.

Вакцинацијата против сезонски грип се врши на вакциналните пунктови во Центрите за јавно здравје, како и во поликлиниките каде нема вакцинација за Ковид-19, или наизменично со ковид вакцинацијата во поликлиники во Скопје.

Вакцини има во доволен број, велат од Министерството. Како што претходно информираа, и годинава, како и минатата година, се набавени 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип кои се бесплатни за лицата над 65 години, за лицата со хронични заболувања, за здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години. Исто така, за граѓаните кои не се од ризичните групи, набавени се и 11 илјади вакцини кои се даваат на комерцијална основа.