Над 340 потреси регистрирани во Албанија по земјотресот од саботата


Албанија– Албанскиот институт за геолошки науки, енергија, вода и животна средина соопшти дека повеќе од 340 последователни земјотреси се регистрирани по земјотресот со интензитет од 5,8 степени што го погоди Драч во саботата попладне.

Околу 600 домови, претежно изградени пред 1990 година, претрпеа штета во земјотресот, кој исто така накратко го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија во Тирана, Драч и некои западни и централни делови, соопштија властите. Повредени се 105 луѓе.

Потресот се почувствува долж западниот брег далеку кон исток. Многу луѓе излегоа надвор од домовите кога земјотресот погоди во саботата во 16:04 часот. Најмалку 500 луѓе ја минаа ноќта во привремени засолништа.

Инспекторите вчера проценуваа оштетени згради, а на некои жители на главниот град Тирана им било кажано да не се враќаат во своите станови, кои биле проценети за небезбедни.

Во Драч, армијата постави шатори на фудбалскиот стадион каде им беа испратени храна и медицински тим за жители кои се плашеа да се вратат дома и кои планираа да поминат следната вечер пред своите домови.

Премиерот Еди Рама рече дека добил повици од европски колеги кои понудиле помош.