Над 300 починати во Индонезија од рачно броење гласачки ливчиња


Единаесет денови откако во Индонезија се одржаа најголемите еднодневни избори во светот, над 300 луѓе од изборната администрација починаа повеќето од болести причинети од премор по долги часови рачно пребројување изборни ливчиња. Тоа го соопшти денеска претставник на властите.

На 17 април во таа држава со 260-милионско население, за првпат се одржаа во ист ден претседателски избори, избори за националниот дводомен парламент и за регионални законодавни органи.

– До овој момент, 287 членови на избирачки комисии и 18 полицајци одговорни за редот за време на изборите починаа, повеќето поради премор, додека 2.096 луѓе се болни, изјави Ариеф Пријо Сусанто, портпарол на изборната комисија.

Министерството за здравство испратило на 23 април писмо во кое бара од болниците да обезбедат најдобра медицинска помош за болните службеници, а Министерството за финансии ќе компензира семејства на починатите.

Изборната комисија беше остро критикувана поради големиот број смртни случаи поради премор. Пребројувањетона гласовите завршува на 22 мај кога ќе бидат објавени конечните резултати.