Над 300 мигранти сѐ уште заглавени во брод на Медитеранот, ЕУ преговара

Белгија – На бродот “Ошн Вајкинг“, лоциран меѓу Малта и Италија, се уште се заглавени 356 мигранти, од кои 103 деца, во исчекување на дозвола за вкотвување.

Неколку часа по ад хок решението изнајдено за бродот “Опен Армс“, земјите членки на ЕУ повторно се обидуваат да постигнат договор за тоа каде ќе се закотви “Ошн Вајкинг“ и која земја колку лица ќе прими.

Напорите ги координира Европската Комисија, но таа не е надлежна за дозволата за закотвување, потсети портпаролката Наташа Берто.

“Ошн Вајкинг“ е стациониран на половина пат меѓу Италија и Малта, откако спаси 356 мигранти и бегалци во Медитеранот. Додека чека да му биде доделено безбедно пристаниште, ситуацијата на бродот се влошува од ден за ден, предупредуваат од невладината “Лекари без граници“.

Невладината вели дека се разговара и со Европската комисија и со неколку земји членки кои би биле подготвени да примат дел од бегалците, но изразува загриженост и за фактот што преговорите во ЕУ се “малку мистериозни“, бидејќи не е секогаш јасно кој министер за што е надлежен во секоја од земјите.

-Поминаа тринаесет дена и станува сѐ потешко да се успокојат луѓето на бродот, вели за медиумите Хасиба Хаџ-Схарауи од “Лекари без граници“.

Во отсуство на јасни правила во ЕУ, за секој нов брод кој спасува мигранти се наоѓа привремено ад хок решение,  по повеќе денови или недели конфликт со најблиската безбедна земја, најчесто Италија или Малта, како што беше случај со бродот “Аквариус“ пред неколку месеци, потоа со “Си Воч“, а до вчера со “Опен Армс“.

Од минатата година, за секој ваков нов случај, Европската комисија стапува во контакт со секоја земја членка на ЕУ поединечно за да праша која од нив би прифатила да прими дел од мигрантите на бродот.

Засега, за “Ошн Вајкинг“, ЕК е во контакт со земјите кои веќе прифатија неколку лица од бродот “Опен Армс“, како Франција, Германија, Португалија, и Шпанија. Во случајот со “Опен Армс“ се понудиле и Романија и Луксембург, но квотите од првите четири земји се доволни, така што би можеле понудите да се пренесат за “Ошн Вајкинг“, велат од ЕК.

Останува дека пред да се дојде до распределувањето на мигрантите, треба да се постигне договор за закотвување, област за која ЕК нема надлежност, а вжештената политичка ситуација во Италија каде пред неколку дена се растури владината коалиција не остава голем простор за оптимизам.

Конечно, дури и да се изнајде повторно договор и за овој брод, неизбежно ќе се повтори оваа ситуација во наредните недели или месеци, а трајни решенија во ЕУ сѐ уште не постојат. Земјите членки на ЕУ не успеваат да се договорат ниту за привремен механизам за распоредување.

На “Ошн Вајкинг“ моментално се наоѓаат над 300 лица, од кои три деца под петгодишна возраст и уште 92 деца без родителска придружба. Првите лица беа спасени пред тринаесет дена, повеќето спијат на земја, а недостасува и вода, што може да предизвика сериозни хигиенски проблеми, предупредуваат од невладината СОС Медитеран.