Над 300 авторски бајки пристигнале на конкурсот на „Феникс“


Издавачката куќа „Феникс“ соопшти дека веќе се пристигнати повеќе од 300 авторски бајки на конкурсот за Меѓународниот фестивал на бајката, иако тој се уште не е завршен и ќе трае до 15 ноември 2021.

– На Конкурсот се пријавуваат и учествуваат автори од цел свет. Така, меѓу пријавените се и: Милутин Ѓуричковиќ (Србија), Аида Сечиќ Незиревиќ (Босна и Херцеговина), Јоланка Ковач (Војводина, Србија), Ана Билиќ (Хрватска), Мирослав Демак (Словачка), Петра Бауман (Словенија), Ранко Павловиќ (Република Српска), Ана Багрјана (Украина),  Трајче Кацаров (Македонија) и многу други, информира „Феникс“.

Меѓународниот фестивал на бајката ќе се одржи на 22 декември 2021 во Скопје заедно со меѓународен научен собир за авторската бајка и ќе бидат избрани и наградени најдобрите авторски бајки.

По завршувањето на фестивалот, во план е да бидат објавени две електронски изданија: Антологија на авторски бајки и Зборник на научни трудови за авторската бајка.