Над 3 000 граѓани се вклучија во проектот „Скопје вежба“


Заврши проектот „Скопје вежба“, а во текот на 44 дена 3 000 граѓани од различни возрасти ја искористиле можноста бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование. Се вежбаше, како што соопшти денеска Град Скопје, гимнастика, аеробик, пилатес, бокс, моторика, јога, голф и фудбал, на 6 локации, под будното око на 20 професори и соработници.

Од град Скопје истакнуваат дека проектот што го реализираа во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје побудил огромен интерес кај граѓаните. Почна на 17 мај годинава, а целта беше да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма. Вежбите се одржуваа секој работен ден, по 18 или 19 часот, на две локации во Градскиот парк; паркот кај „Три Бисери“ во Аеродром; паркот во Ѓорче Петров; кај Веро Тафталиџе во Карпош и паркот во Чаир. Неделно се организираа по 33 спортски активности.

При изведување на вежбите, посочуваат од град Скопје, се почитуваа сите препораки на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за заштита од Ковид 19.

Град Скопје финансиски го поддржа овој спортско рекреативен и забавен проект со 500.000 денари.