Над 3.000 бугарски граѓани ја поддржаа владата на Петков пред патријаршската катедрала „Св. Александар Невски“


Повеќе од 3.000 луѓе учествуваа на мирниот протест за поддршка на бугарската Влада на плоштадот „Свети Александар Невски“ на јужниот влез на патријаршиската катедрала, јави дописникот на МИА од Софија.

Барањата на демонстрантите беа Бугарија без корупција, како и да нема обединување меѓу ГЕРБ, ДПС, „Препород“ и „Има таков народ“.

Граѓаните носеа и бугарски и знамиња на ЕУ.

Во регионот околу катедралата имаше силно полициско присуство и сообраќајот беше запрен. Министерот за транспорт Николај Шабев, министерот за иновации Даниел Лорер, како ио јавните личности проф. Александар Ќосев и проф. Калин Јанакиев се приклучија на протестот за поддршка на владата. Луѓето извикуваа „Тука не е Москва“ и „Заедно“.

На протестот се приклучи и премиерот Кирил Петков придружуван од сопругата Линда и актуелниот претседател на 47. Народно собрание Никола Минчев. Петков кажа дека владата нема да дозволи мафијата да ја преземе земјата. Тие потоа разговараа и се ракуваа со граѓаните и повторно им се заблагодарија за поддршката на плоштадите во изминатата недела.

За време на гласањето недоверба вечерва, бугарските граѓани ќе се соберат пред Народното собрание и ќе вршат притисок врз пратеничките групи да ги видат и да размислат како ќе гласаат.