Над 150 закони доставени до Собранието, дел по скратена постапка поврзани со пандемијата со Ковид-19 и законот за прекршоци

Од 1 до 8 октомври до Собранието се доставени 151 нови предлог-закони, измени и дополнувања на закони и ратификации, голем дел по скратена постапка, за која пракса забелешка беше ставена и во последниот Извештај на ЕК за напредокот на земјата. Во однос на законите по скратена постапка, бројни се усогласувања со Законот за прекршоци со којшто беше предвидено намалување на казните, како и со мерките за справување со кризата со Ковид – 19, меѓу кои и економските пакет мерки што ги предлага Владата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на забелешките дека повторно пратениците ќе одлучуваат по голем број закони по скратена постапка, вели дека се работи на промени на Деловникот за да се најдат најсоодветни решенија за ограничување на бројот на закони по скратена постапка и оти некои закони се врзани со пандемијата со Ковид-19.

– Треба да имате предвид дека Собранието не работеше до 4 август, кога беше конститутивната седница. Многу работи околу пандемијата и околу околностите и обврските што требаше да се регулираат по престанокот на вонредната состојба требаше да чекаат Собранието да ги реши. Водете сметка кога сме избрале Влада, и ако одевме во редовна постапка тие закони ќе се донесеа дури во ноември, рече Џафери, кој како пример посочи на законите за образование и промената на датумите за почеток на школската година.

Околностите нагласува тој, треба да се гледаат како целина, а не само како сегмент.

– Свесен сум за сите забелешки што се во Извештајот на ЕК, рече Џафери посочувајќи дека Деловникот за работа на Парламентот е во фаза на разгледување и ќе треба да се види кои се најсоодветните решенија за ограничување на бројот на закони по скратена постапка, односно дали тоа би било по седница.

Но, меѓу законите кои се најдоа во ови 151, што се доставени до Собранието се и Предлог законот за попис во 2020, што првично беше доставен до законодавниот дом во минатиот состав, потоа Предлог-закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација,  Предлог закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, како и други.