Над 140.000 граѓани скенираат фискални сметки


За половина месец над 140.000 граѓани ја презеле апликацијата „Мој ДДВ“ преку која се скинираат фискалните сметки за поврат на 15 проценти од платниот ДДВ.

Управата за јавни приходи информира дека од 1 јули 2019 година, кога започна реализацијата на мерката поврат на 15 % од пресметаниот ДДВ, апликацијата „Мој ДДВ“ преку „Плејстор“ и „Апстор“ ја презеле над 140 000 граѓани.

Заклучно со 15 јули 2019 година, скенирани се вкупно 2.993.788 фискални сметки, остварен е промет од 1.572.173.704 денари, а повратот од 15 % од пресметаниот ДДВ изнесува 25.368.380 денари, информираше УЈП.

Граѓаните што не можат да ја користат апликацијата „Мој ДДВ“ на своите телефони може да ги користат услугите што ги нуди УЈП во сите организациски единици каде што фискалните сметки може да се скенираат на киоск-апарати, баркод-читачи, како и на паметни телефони.