Над 100 милиони евра од ЕУ за еколошкиот развој на Мароко


Белгија– Европската Комисија денеска усвои нов пакет од 115 милиони евра за поддршка на еколошкиот развој во Мароко, јави дописничката на МИА од Брисел.

Еколошката програма за Мароко, именувана “Зелена земја“, предвидува развој на шумскиот и земјоделскиот сектор на земјата на инклузивен и иновативен начин, и има за цел да помогне во веќе постоечките национални стратегии за еколошка транзиција на Мароко за периодот 2020-2030. ЕУ со овие средства сака да ја помогне зелената транзиција, истовремено да поддржи креирање на достојни работни места во шумскиот и земјоделскиот сектор.

Три цели се издвојуваат во програмата: поддршка за земјоделските ланци на вредност, заштита на шумите и создавање работни места.

Ова зелено партнерство меѓу Мароко и ЕУ е прв од овој вид помеѓу Унијата и трета земја и цели кон ширење на стратегијата на Зелениот договор на ЕУ надвор од нејзините граници, вклучително на африканскиот континент.

Усвојувањето на оваа помош денеска се смета и за силен сигнал во пресрет на Климатската конференција, КОП 27, во Египет, која започнува идниот месец.