Над 100.000 државни службеници во Британија ќе штрајкуваат на крајот на април


Повеќе од 100.000 британски државни и јавни службеници ќе се приклучат на нов генерален штрајк на 28 април, со барања од владата за повисоки плати и пензии, услови за отпушања и сигурност на работата, објави Синдикатот на јавни и комерцијални служби (ПЦС ).

Како што јави Би-Би-Си, синдикатот ПЦС соопшти дека неговите членови гласале за преземање акција за зголемување на притисокот врз владата и дека „не се откажуваат“.

– Министрите треба да го решат спорот со ставање пари на маса. Знаеме дека штрајковите веќе предизвикаа сериозни нарушувања. Новите прекини на работата и уште еден национален ден на акција ќе го зголемат притисокот врз владата која одбива да слуша, рече генералниот секретар на ПЦС, Марк Сервотка.

Британската Влада претходно соопшти дека барањата на синдикатот чинат „неприфатливи 2,4 милијарди фунти“.

Членовите на синдикатот, на кои им беше понудено зголемување од 2 до 3 отсто, последен пат штрајкуваа на почетокот на овој месец.

Илјадници државни службеници одржаа серија штрајкови, вклучително и железничарите, лекарите и наставниците, барајќи зголемување на платите за да се справат со кризата со трошоците за живот.

Синдикатот ПЦС претставува стотици илјади работници во владините оддели, како и организации како што се Офстед, Агенцијата за поморска и крајбрежна стража и Граничните сили.