Над 1.800.000 гласачи на избирачкиот список, ќе се гласа и во спортски сали


Државната изборна комисија (ДИК) в среда ќе го заклучи Избирачкиот список и во него ќе бидат нешто повеќе 1.814 000 граѓани, рече првиот човек на ДИК, Оливер Деркоски, на заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

„Прецизната бројка ќе биде позната в среда, а потоа списокот ќе се генерира и ќе се предаде на печатење.  Избирачкиот список континуирано се чисти и затоа има високо ниво на прочистеност, па не треба да има загриженост околу тоа прашање“, истакна Деркоски.

Изминатата недела, членовите на ДИК направиле проверка на сите избирачки места, а голем број од нив ќе се дислоцираат за изборите на 15 јули за да се задоволат критериумите за заштита од коронавирусот.

„Дислоцираме огромен број избирачки места кои не ги задоволуваа критериумите, заменивме многу избирачки места, обезбедивме гласање во спортски сали онаму каде што има“, рече Деркоски.

Претседателот на ДИК изјави дека засега нема голем број барања за замена на членовите и замениците од избирачките одбори. Потсети дека согласно законот, познати се критериумите кои мора да се исполнат за изземање од член и заменик-член во избирачките одбори, сериозни здравствени причини, хронична болест од листата на хронични болести што е објавена на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика и сериозни семејни причини за кои треба да се обезбедат докази. Барањето се доставува до ОИК, која одлучува за тоа, и по случаен избор од базата на МИОА, од јавната администрација се врши нов избор.

– Сите треба да бидеме свесни дека треба да дадеме свој придонес како граѓани на оваа држава за да се спроведе овој избирачки процес на најдобар можен начин, рече Деркоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, повтори дека избирачкиот список е чист, ги содржи податоците на сите полнолетни граѓани кои имаат наполнето 18 години и имаат државјанство. Тоа се двата услова кои треба да ги исполни секој граѓанин за да биде на избирачкиот список, да го стекне своето право на глас или да биде биран.

– Постојаното чистење на списокот што се одвива во континуитет во ДИК, преку подрачните единици, континуираното квартално доставување од страна на МВР, доведува до тоа овој список да има високо ниво на прочистеност и граѓаните не треба да се грижат околу тоа дали или не е избирачкиот список во ред, рече Деркоски.

Прашан за гласањето на дијаспората, Деркоски укажа дека на овие избори ќе нема гласање на дијаспората согласно решението на претседателот на Собранието, кој, како што рече, утврди дека сите претходни дејствија кои беа преземени се завршени и поради тоа што од  нашата дијаспора кога имала можност не се пријавиле во доволен број.

Претседателот на ДИК воедно апелираше денот среда да се почитува како изборен молк.