Над 1.000 даночни обврзници во Грција нелегално добиле 22,67 милиони евра од европските земјоделски субвенции

Вкупно 1.036 даночни броеви во Грција добиле нелегални субвенции во вкупен износ од 22,67 милиони евра, соопшти министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис, презентирајќи ги резултатите од полициската истрага за скандалот со Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ), јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот објасни дека биле проверени 6.354 даночни броеви за периодот 2019-2024 година, а резултатите од истрагата биле доставени до надлежниот обвинител што резултира со одземање на имотните права на подносителите на барања за прекумерно исплатената помош.
– Не може и не треба да се толерира некои да манипулираат со вредните јавни ресурси, без разлика дали се национални или европски. Овие ресурси се наменети за поддршка на грчкото земјоделско производство, а не за нелегално и неоправдано збогатување на некои, истакна Хрисохоидис.
За скандалот со европските земјоделски субвенции преку ОПЕКЕПЕ истрага спроведува и обвинителството на ЕУ, а од истрагата била откриена широко распространета шема со фиктивни тврдења за пасишта користени за нелегално добивање земјоделски средства од Унијата.
Поради скандалот во изминатиот период имаше и оставки на министри во грчката Влада.