Националниот сојуз на глувите бара зголемување на надоместокот за мобилност

Националниот сојуз на глуви и наглуви денеска од пратениците побара поддршка за зголемување на надоместокот за мобилност, кој сега изнесува 4.000 денари. Нивни претставници на Денот на знаковната азбука – 23 септември беа во посета на Собранието, каде се одржа тркалезна маса на која тие ги искажаа своите барања и очекувања.

Генералниот секретар на Националниот сојуз, Лиза Велковска освен барањето за зголемување на надоместокот, кој е меѓу најмалите за лицата со посебни потреби, исто така кажа дека тие имаат потреба и од субвенции и помош за набавка на смарт мобилни телефони, да се зголеми процентот на глуви и наглуви лица во државната администрација, намалување на работниот стаж за овие лица и воопшто, да се подигне свеста дека глувите живеат во ова општество.

Претседателот на сојузот Томица Стојановски рече дека 4.000 денари се многу малку пари за поддршка на овие лица. – Осумдесет отсто од глувите имаат минимална плата и најчесто во овие семејства работи само едно лице, додаде тој.

Стојановски истакна дека институциите исто така не ги плаќаат толкувачите за знаковен јазик и праша дали во Собранието има вработено глуво лице.

Претседателката на Интерпартиската парламентарна група за лица со посебни потреби Јагода Шахпатска од СДСМ изрази жалење што на јавната дебата за измените на законот за социјална заштита немало претставник на сојузот, но рече дека доколку произлезе заедничка иницијатива можеби ќе може да се постигне зголемување на надоместокот од 4.000 денари за овие лица.

Во Собранието, кажа таа, дека нема вработени лица со посебни потреби и оти нема толкувач на знаковен јазик.

Трајчо Димков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека во општеството нема изградено квалитетен однос кон нив и оти за да се направи тоа потребна е помош и од страна на глувите лица.

– Ова нема партиска конотација, рече Димков.

Во Македонија живеат околу 6.000 глуви и наглуви лица. Македонскиот знаковен јазик е регулиран со закон од 2009 година и со него сите државни институции се задолжени да вработат толкувач за знаковен јазик доколку некој од вработените има потреба од него.