Националниот џез оркестар го отвора Хрватскиот џез фестивал во Загреб


Националниот џез оркестар вечерва (25 октомври) го отвора фестивалот „Џез хр“ во Загреб, во клубот „Театар Комедија-Контеса“ во 19:30 часот. Македонските џезери ќе одржат заеднички концерт со солисти од регионот.

Ова е прв нивни настап на овој џез фестивал.

 

„Голема чест и задоволство е да го отвориме Хрватскиот џез фестивал. Ветуваме уште еден незаборавен концерт со разновидна и богата програма. Возбудени сме и мотивирани од атмосферата со која нѐ пречекаа во Загреб“, вели Гоце Стевковски, директорот на НЏО.

Националниот џез оркестар ќе настапи во состав Трајче Велков, Сенад Усеин, Александар Златески, Јордан Колевски на труби, Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски на тромбони и Борислав Веселинов, Славко Георгиев, Иван Иванов, Валентин Видовиќ на саксофони. На контрабас ќе настапи Мартин Ѓаконовски-Шпато, а диригент е маестро Џијан Емин.

Од регионот, солисти ќе бидат Александра Бјелиќ – вокал, Марио Бочиќ – саксофон, Филип Булатовиќ – клавир, Томаж Гајшт – труба, Алба Нациновиќ – вокал и Јанко Новоселиќ – тапани. Покрај композиции од наведените солисти, ќе бидат изведени и по една композиција од Гоце Стевковски и Гордан Спасовски, на кои како солисти ќе се претстават Спасовски, Виктор Филипински, Зоран Костадиновски и саксофонистот Кирил Кузманов, кој неодамна ја доби наградата за најдобар џез музичар во Македонија.

Националниот џез оркестар потоа ќе настапи на Сараевскиот џез фестивал на 6 ноември, кој е веќе распродаден.