Националната платформа за онлајн учење ќе нуди и психолошка поддршка за учениците

Анализите направени од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) покажуваат дека голем дел од училиштата немаат обезбедено технички средства за следење на онлајн настава, но од Министерството за образование и наука уверуваат дека се прават сите неопходни подготовки за успешен старт на учебната година од 1 октомври.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, која денеска беше на работен состанок со наставниот кадар во основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ вели дека платформата за учење од далечина не бара некои посебни перформанси за да биде ставена во функција во секое училиште и оти е достапна не само на компјутери, туку и на смарт телефони и таблети.

– Помина обуката на националните тренери. Секој од нив обучи по 40, што значи обучени се околу 1.600 наставници коишто сега ја спуштија обуката во самите училишта. Од денеска се спуштаат акаунтите или лозинките за пристапување на учениците кои ќе бидат доставени до директорите и тие треба да ги спуштат на ниво на одделенија за да може полека да влезат во тестирање на платформата и нејзино оптеретување со цел да ги видиме перформансите. Секако дека многу предизвици стојат пред нас и дека учебната година ќе биде отпочната со надеж дека понатаму ќе можеме да движиме кон она кое што сме го планирале, изјави Царовска.

За оние ученици кои немаат услови да ја следат наставата онлајн, ќе бидат емитувани 15-минутни емисии на Македонската телевизија.

Царовска останува на ставот дека доколку има промена на епидемиолошката состојба, како Министерство се подготвени да прават прилагодувања.

Во иднина се размислува во рамки на националната платформа да има посебен дел за психолошка поддршка на учениците.

– Најважно е да ја стартуваме учебната година и платфромата да профукционира, а понатаму ќе поставиме посебен дел кадешто учениците ќе можат да побараат поддршка од психолозите и да ја добијат, изјави Царовска.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков останува на ставот дека доколку наставниците немаат соодветни услови за работа, не ќе можат да почнат со работа од 1 октомври.

– Стојам зад изјавата што ја дадов. Таа се темели врз основа на нашите сондажи кои доаѓаат од училиштата и врз основа на Законот за работни односи каде се вели дека работодавачите се обврзани да обезбедат услови за работа на работниците. Доколку не би имале што да работиме, како и би работеле. Логично е прашањето, логичен е и одговорот, изјави Неделков, изразувајќи надеж дека процесот на подготовка ќе заврши навреме.