НОБ во новата сезона со нови инструменти – донација од Јапонија од 663 илјади евра


Националната опера и балет новата сезона ќе ја започне со нови музички инструменти и опрема за озвучување и осветлување, донација од грант на владата на Јапонија за поддршка на културата во износ од 663.000 евра.

Вицепремиерот за еврпски прашања Никола Димитров, како национален координатор на странска помош, на денешната прес-конференција во фоајето на Националната опера и балет по повод примопредавањето на донација, истакна дека Јапонија е традиционален пријател и донатор на Северна Македонија во повеќе области, а со овој проект се продлабочува културната соработка помеѓу двете земји.

Јапонија е земја на инспирација и иновација, што географски е далечна од нас, но со поддршката од јапонската Влада, посветеноста и подготвеноста за соработка на Амбасадата и Јапонската агенција за меѓународна соработка, успешно се реализираат проекти преку кои се зближуваат нашите граѓани. Со овој проект во областа на културата верувам дека врските помеѓу двете земји дополнително ќе се зајакнат, како пример за глобално поврзување, рече Димитров.

Јапонскиот амбасадор Савада Хинорори во своето обраќање на македонски јазик истакна дека во рамките на Иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонија е сериозно посветена во поддршката за Северна Македонија кон одржлив економски и социјален развој, клучен за интеграцијата во Европската Унија. Тој посочи дека од 2001 година навака, ова е втор грант што Јапонија го доделува на Северна Македонија во полето на културата, имплементиран од страна на ЏАЈКА.

 

-Освен за подобар перформанс на Националната опера и балет, би сакал оваа културна размена да придонесе и за размена на уметници од двете земји, порача амбасадорот Савада.

Заблагодарувајќи се за донацијата, министерката за култура Ирена Стефоска посака што поскоро на сцената на НОБ да настапат нашите и јапонските уметници.

-Оваа донација ќе ги мотивира уметниците  за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката, па дозволете ми, вредноста на оваа донација да ја опишам со три збора – мотив, квалитет, аплауз, додаде министерката Стефоска.

Претставникот на ЏАЈКА за овој регион Такеичи Џиро го изрази своето задоволство од оваа соработка со која се потврдува желбата за културна размена и поврзување.

Директорот на НОБ Васо Ристов се заблагодари на сите вклучени страни за успешната реализација на овој проект што претставувал голем предизвик за целиот тим, но отвара нови можности за соработка и унапредување на квалитетот на изведбите.

Грантот на владата на Јапонија за поддршка на културата – Проект за подобрување на музичките инструменти  за Националната опера и балет се реализира во соработка со Јапонската организација за меѓународна соработка (ЏАЈКА) во рамки на програмата за културни грантови. Координацијата и испораката на оваа донација како странска помош беше спроведена преку Секретаријатот за европски прашања, заедно со Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија и Министерството за култура.

Јапонија во рамки на соработката со Северна Македонија досега има донирано помош во износ над 420 милиони евра.