Националната гарда на САД замина од Капитол, пет месеци по нападот од 6 јануари


САД – За првпат по речиси пет месеци, Капитол во Вашингтон, седиште на Конгресот на САД, не е заштитен од силите на Националната гарда од синоќа, бидејќи опасноста од екстремно десничарско насилство ослабе по нападот на 6 јануари.

Бидејќи официјално беше завршена задачата за заштита на Конгресот, последните 2.149 припадници на Гардата, во која првично имаше дури 26.000 лица, го напуштија Вашингтон.

Строги безбедносни мерки беа во сила за Капитол по 6 јануари кога илјадници приврзаници на Доналд Трамп се собраа пред зградата на парламентот на САД по неговиот говор. Тогашниот претседател ги повика да спречат пратениците да ја прогласат победата на Џо Бајден на претседателските избори.

Стотици негови приврзаници упаднаа во зградата создавајќи хаос. Животот го загубија пет лица, меѓу кои и еден полицаец.

Стравувајќи од нови закани за време на инаугурацијата на Џо Бајден на 20 јануари, илјадници војници на Националната гарда беа распоредени и подигната бодликава жица околу Капитол, што се чинеше дека е под опсада.

Војниците останаа во главниот град на САД неколку месеци по инаугурацијата додека беше спроведена истрага за инцидент што многумина го нарекоа „бунт“. ФБИ уапси и гонеше околу 440 лица вклучени во нападот по 6 јануари, од кои неколку десетици беа поврзани со вооружени милиции.

„Ние сакаме да ја изразиме нашата искрена благодарност и да им оддадеме почит на жените и мажите во Националната гарда кои го штитеа американскиот Капитол речиси пет месеци“, нагласи Бајден во изјавата.

„Војниците на Националната гарда се американски херои и бранители на демократијата. Нивното присуство во нашиот храм на демократијата по 6 јануари, еден од најболните и најужасните денови во нашата историја, донесе безбедност и мир во Конгресот и низ целата земја“, наведе лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.