Националистичката Преродба e вистинскиот победник на изборите во Бугарија

Бугарски парадокси: ултранационалистичката партија на Костадин Костадинов ги „краде“ гласовите од реформската Продолжуваме со промената


 

Главниот прилив на нови гласови за националистичката и русофилска партија Преродба на бугарските избори дојде од неочекувано место – од луѓето што претходно гласале за реформистичката партија Продолжуваме со промената. Преродба е вистинскиот победник на изборите во неделата затоа што доби 357 илјади гласови, или 14,15 отсто. Во споредба со гласањето лани во октомври Преродба на овие избори доби нови 100.000 гласови, а од нив повеќе од 30 илјади стигнаа од претходните поддржувачи на формацијата на Кирил Петков.

Партијата на ултранационалистот Костадин Костадинов има ракетен раст во бугарската политика. Таа се формираше на 2 август 2014, симболично на денот на Илинденското востание (познати се ставовите на Костадинов дека Македонците се Бугари и дека крајната цел е обединување на Бугарија со Македонија). Костадинов дотогаш беше член на ВМРО-БНД и не беше среќен кога две години претходно Красимир Каракачанов повторно беше избран за претседател и реши да ја напушти партијата.

Преродба стана име во бугарската политика за време на кризата што започна со протестите против корупцијата на владата на Бојко Борисов во 2020. Оттогаш нејзината поддршка оди само нагоре. На првите од петте избори во последниве две години – во април 2021 – Преродба освои 2,41 отсто од гласовите (78.000). На новите избори во јули таа година поддршката се зголеми на 2,97, а на третите последователни избори во ноември за прв пат влезе во парламентот со 4,87 отсто поддршка (127.000 гласови) и 13 пратенички места. Лани во октомври бројот на гласачите што ја поддржаа се искачи на 254 илјади што значеше 27 пратенички места.

Во неделата Преродба постигна неверојатен резултат – таа е трета политичка сила и во новото собрание ќе има 37 пратеници. Тоа е извонредно многу на полето каде што се борат многу националистички и русофилски партии.

Преродба е анти-ЕУ, анти-НАТО, антиамериканска, проруска, беше жесток противник на вакцинацијата против Ковид-19. Затоа изгледа неверојатен податокот дека од новиот базен гласови има најмногу поддржувачи на Продолжуваме со промената, која се целосно на спротивната страна – докажано прозападна и антируска. Очигледно некои движења во бугарската политика тешко може да ги разберат и тие што живеат таму, а камоли ли луѓето отстрана, како во Македонија, на пример.

Некои од бугарските аналотичари велат дека Преродба не е директен производ на ГЕРБ на Бојко Борисов, туку е финансиран од групи блиски до оваа партија и до Русија. Поради оваа причина, ГЕРБ им обезбедува медиумска и противсудска „логистика“ за учество во нивната игра против главниот противник Продолжуваме со промената. Онака како што претходно беа штитени „патриотите“ од Атака и ВМРО.

Продолжуваме со промената гледаше на Преродба како од точка долгогодишна мејнстрим партија. Тие ја правеа истата грешка како во многу подемократски западни општества – избегнуваа вербални дуели со нив за да не заглибат и ја прифаќаат Преродба како нормална елементарна непогода која сама по себе ќе стивне. (Н.В.)