Нацијата незабележително се обедини, барем во битката против короната


Фото: Б. Грданоски

Македонија, објаснуваат социолозите, досега не се соочила со ваква колективна опасност и затоа сега до израз доаѓа односот меѓу државата и граѓаните како колективитет

 

„Ништо веќе не е исто, животот радикално се промени како кај нас, така и во целиот свет“. Со овие зборови премиерот Оливер Спасовски, во неколку наврати ја претстави реалноста која денеска ја живееме, по воведувањето на вонредната состојба во Северна Македонија, како мерка која ќе овозможи поефикасно справување со заканата од коронавирусот.

И навистина во нашата држава веќе ништо не е исто. Секојдневно сме во очекување на информациите за бројот заболени од вирусот кој го зароби светот, стравуваме дали ќе има смртни случаи, се плашиме за нашето и за здравјето на нашите најблиски, се прашуваме дали има доволно респиратори…

Но, во целата оваа траума што ја доживуваме како нација незабележително, но сигурно се обединивме. Се обединивме независно од верската или националната припадност, се обединивме како население, се обединивме како луѓе. Се обединивме во битката против коронавирусот, но и против сите оние кои не ги почитуваат препораките и мерките на Владата, против оние кои треба, а не се во самоизолација… Веќе не е важно дали оние што го отвораат своите објекти, кафулиња, обложувалници, интернет-кафулиња се Македонци или Албанци, туку важно е дека не ја почитуваат забраната и го доведуваат во опасност здравјето на сите.

Дали ова е моментот кога Македонија конечно ќе ја надмине поделеноста по етничка линија е тешко да се каже, но факт е дека е создаден добар темел за обединување на општеството, што на државата ѝ беше неопходно.

Професорот по социологија Ило Трајковски вели дека во вакви моменти клучен елемент е дали и како со опасноста се справуваат надлежните, здравствените институции, одговорните во државата. Според него, се чини дека досегашното постапување на нашите здравствени власти и медицинските работници се на нивото и затоа граѓанството има повисок степен на доверба. „Лекарите на вакво етичко однесување ги обврзува нивната професионалност, нивната професионална заклетва. А ние луѓето во вакви драматични околности сосема се разголуваме. Ги тргаме настрана разните опшетствено стекнати покривки (вера, етност, професија) на нашата човечност и остануваме ‘голи’ пред смртта или животот“, објаснува Трајковски.

Овие моменти на заедништво, објаснува тој, се слични кога во околности на успех, како на пример, победи на нашите репрезентативци, граѓаните сакаат да се радуваат едноставно како луѓе, како граѓани на заслужната Република.

„Во вакви околности јавно здравствените институции и лица може да одиграат многу поголема граѓанско интегративна и образовна улога, отколку училиштата и универзитетите“, додава Трајковски.

Она што на државата и се случува последниве недели со корона вирусот само потврдува дека сите ја делиме истата судбина, независно на која етничка заедница припаѓаме, независно дали сме од Дебар или од Кавадарци, од Скопје или од Охрид. Сите ние, во вакви моменти, очекуваме државата да нѐ заштити, да создаде услови за ефикасна борба со вирусот, да ни помогне доколку претрпиме големи финансиски штети…

Ова чувство, дека токму во вакви тешки моменти ја делиме истата судбина, според социолозите, кај граѓаните го буди чувството на заедништво, коешто во иднина ќе ни помогне за надминување на други какви и да било разлики.

Нашата држава, објаснуваат тие, досега не се соочила со ваква колективна опасност и затоа во овие моменти до израз доаѓа односот меѓу државата и граѓаните како колективитет. Граѓаните денеска очекуваат заштита од  државата, но и државата, односно носителите на власта очекуваат од граѓаните да ги почитуваат мерките што таа ги наметнува.

Оваа иста ситуација, во иднина, кога ќе се надмине опасноста од корон авирусот, ќе биде основа за соработка меѓу граѓаните и државата за иден развој на општеството. Важно е само тој однос кон граѓаните, независно од која етничка заедница се, или на која вера припаѓаат, да се негува и понатаму да се развива.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред минатите избори го промовираше концептот „Едно општество за сите“. Мотото на коалицијата на Алијансата за Албаниците и Алтернатива за избориве што се одложија е „Една држава за сите“. Овие слогани ја добија својата потврда во, за жал, несреќни моменти за држава. Но, ова е и доказ дека Македонија има капацитет да се обедини, важно е само на тоа да се работи.  (Н.В.)