Началникот на Генералштабот за полковникот Ковачки: Треба да е среќен што не ја загуби работата


И министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералот Васко Ѓурчиновски изразија остра осуда за заканите на Драган Ковачки

 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски денеска од касарната „Илинден“ упатија заедничка порака дека во Армијата нема место за политика. Одговарајќи на новинарско прашање за полковникот Ковачки кој упатуваше закани кон началникот на Генералштабот, министерката Шекеринска рече дека Ковачки мора да реши дали ќе носи војничка или партиска униформа.

„Навистина срамно е кога офицер на една армија може да си дозволи да испраќа пораки со закана на било кој, а камо ли на началник на Генералштабот, првиот човек во Армијата. И особено кога тие закани го претставуваат Ковачки со вистинската слика како партиски војник. Да пишете долга е раката на ВМРО, од еден старешина на друг старешина, би било срамно дури и на пониско ниво, а камо ли на еден полковник кон генерал и началник“, рече министерката.

Таа потврди дека Военодисциплинската комисија предложила Ковачки да го загуби чинот и работата, како опомена за однесување кое во ниту една Армија не би било дозволено. Шекеринска потенцираше дека не доликува на офицер да се жали кога ќе биде казнет за заканите кон својот претпоставен кои ги испраќал како партиски војник.

„Мислам дека најголемата осуда, не се дисциплинските казни со пари, најголемата осуда е срамот пред очите на јавноста, дека еден офицер покажал дека ниту еден од принципите офицерски не ги почитува. Се заканувал на свој претпоставен, користел целосен партиски речник, претставувајќи се како партиски војник, како што игра веќе година дена и на крајот последниот принцип – кога ќе згрешиш и ќе бидеш финансиски казнет со дел од плата, да не се жалиш, заради тоа што не му доликува на офицер на било која Армија, најмалку на офицер на македонската Армија. Предлогот на Военодисциплинската комисија на Армијата беше Ковачки да изгуби работа и сметаа дека тоа е вистинска опомена за однесување која во ниту една армија не би било дозволено. Јас го одбив предлогот, можев да донесам одлука за губење на чин и на губење на работно место. Следната дисциплинска мерка беше оваа дисциплинска мерка која што практично ја донесе началникот, така што тужбите или заканите за судски процеси покажуваат и незнаење на законот. Јас сметам дека ова треба да биде последна опомена дека на политиката не и е место во нашата Армија”, рече министерката.

Началникот на генералштабот Ѓурчиновски изрази остра осуда заканите кои неговиот потчинет ги упати кон него и потенцираше дека тоа е недозволиво за Армија во која има ред, субординација и хиерархија.

„Јас како началник нема да дозволам по никаква цена Армијата да биде втурната во било какви партиски пресметки и настани. Горд сум што ја предводам Армијата на Република Северна Македонија која има највисок рејтинг во општеството и секако ќе продолжам да ги спроведувам обврските и задолженијата, како патриотски долг и како обврска кон граѓаните и кон земјата. Апсолутно нема да толерирам такви однесувања на било кого и од било кого оправдани и поддржани. Ја користам оваа можност да повикам темелна анализа да направат сите кои сметаат поинаку или го оправдуваат или го поддржуваат конкретното лице“, рече Ѓурчиновски.

Генералот Ѓурчиновски упати порака до Ковачки дека треба да биде среќен што не ја загубил работата и му препорача да се пронајде во системот каде што функционираат јасни и конкретни принципи. (Н.В.)