Началник од МВР сведочи дека таткото на Вања бил конфузен за време на барањето на неговата ќерка
Началник од МВР денеска сведочеше на судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
То бил првиот што контактирал со родителите на девојчето, кога се јавиле индиции дека Вања е киднапирана.
Музафер Каришич, помошник-началник во СВР Скопје сведочеше дека мајката била прибрана и сталожена, но таткото Александар бил чуден, конфузен и потиштен.
Во паркот во Капиштец и на Водно пребарувале заедно со него и со уште еден нивни роднина, но Александар не излегол од автомобилот, Останувал во него, пушел цигара и повторувал дека Вања е киднапирана и убиена. Биле и до станот во Капиштец, но и таму Александар повторувал дека џабе бараат, дека Вања не е таму.
Кога го прашале зошто мисли дека е киднапирана, дали имал долгови или има други проблеми, тој негирал.
Судењето е во тек.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.