Нацевска: Новини во платежните услуги и системи со  усогласување со директивите и регулативата на ЕУ  

Во рамките на можностите да се користат новите начини на плаќање, со тоа се заштедуваат ресурси и време и се постигнува ефикасност, а во актуелните околности се штити и сопственото и јавното здравје, апелира вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска.

Според неа, транспонирањето на директивите и регулативите на ЕУ, коешто тековно се одвива засилено, ќе создаде конкурентно окружување за квантитативен и квалитативен раст на платежните услуги, ќе ја поттикне дополнително дигиталната трансформација на каналите за плаќања, посебно со т.н. отворено банкарство и ќе ја зголеми довербата поради очекуваното повисоко ниво на сигурноста при плаќањата.

-Истовремено, ќе се создадат услови за отворање на пазарот на платежни услуги и за нови видови небанкарски субјекти како што се платежните институции, институциите за електронски пари и различни модели на финтек-компании коишто ќе бидат лиценцирани и супервизирани од страна на Народната банка, вели Нацевска.

По донесување на новиот закон за платежни услуги и платни системи, укажува, во нашата економија ќе се создадат услови за значајни промени во платежниот пејзаж во однос на неговата засилена дигитална трансформација.

-Новата регулатива ќе овозможи либерализација на пазарот на платежните услуги, поттикнување на иновациите и зајакнување на конкуренцијата, како и зајакнување на правата на потрошувачите за нивно информирање од страна на давателите на платежни услуги за условите за користење на услугите. Заедно со Министерството за финансии работиме на законот, а веќе се изготвуваат и подзаконските акти што се во надлежност на Народната банка. Ако во следните години се искористат можностите што ќе се дадат со регулативата, потоа постојано ќе бидеме во можност да ги следиме трендовите, истакнува Нацевска.

Како во глобални рамки, така и кај нас, како што вели, условите во текот на пандемијата придонесуваат за забрзано менување на навиките во однос на плаќањата, при што граѓаните сѐ повеќе ги ползуваат придобивките од дигиталните канали за плаќање. Притоа, особено во вториот квартал од оваа година, очигледен е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, којшто изнесува 169,6 проценти и е петкратно повисок од годишниот раст од 32 проценти остварен во истиот квартал од минатата година. Во целото прво полугодие, како што посочува Нацевска, имаше импозантен годишен раст на плаќањата на граѓаните со платежни картички преку интернет од 122,6 проценти

-Засилувањето на интернет-трговијата од страна на граѓаните секако придонесува и за промена во стратегиите на компаниите, односно тие тежнеат кон сѐ поголема вклученост во овој сегмент од деловното работење. Ова го забележуваме преку зголемениот број нови продажни места за интернет-трговија којшто на крајот на јуни во споредба со крајот на декември претходната година се зголеми за 203 нови интернет-продавници, што е тројно повисоко во споредба со растот во истиот период од 2019 година кога беа регистрирани 68 нови продажни места на интернет, напоменува вицегувернерката.

Нацевска очекува дека промената на навиките за плаќање со користење на современите канали ќе се задржи и по пандемијата, при што би било уште подобро доколку во натамошниот период современите канали почнат да се користат и од поголемиот дел од граѓаните што не ги користеле досега.

-За таа цел, потребни се и натамошни вложувања во финансиската едукација, но и натамошен проактивен однос на банките во комуникацијата со своите клиенти и во осмислувањето на своите производи. Исклучително важно е и компаниите уште повеќе да вложуваат во е-трговијата. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи, имајќи го предвид и трендот во изминатите месеци, но и тоа што и пред пандемијата, како што покажуваат податоците, се забележуваше нагорен тренд во оваа сфера, порачува вицегувернерката.