Наближува јунскиот Совет на ЕУ, ќе се тргне ли блокадата од Бугарија
Премиерот Зоран Заев е уверен дека Европа го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор и оти Северна Македонија, која чека 16 години, има над дваесетина вета, а е на врвот со извршување на реформите, треба да ги почне преговорите и треба да се одржи првата меѓувладина конференција. Сепак, тој нагласува дека очекувањата не треба да се преголеми, за земјата да не доживее разочарување, со оглед на блокадата од бугарска страна. ЕУ земјите сметаат дека проширувањето на Унијата не смее да запре. Северна Македонија, вели германската амбасадорка Анке Холштајн, одамна ги исполнила потребните услови. Вметнувањето нови услови за процесот на проширување, нагласува таа, е лош сигнал за сите и остава можност за нови билатерални прашања кои ќе го кочат процесот на проширување. Сепак, таа потсетува дека одлуката за проширување треба да биде донесена едногласно од сите земји членки.
-Ние, Германија, сè уште жалиме што не успеавме да го постигне овој консенузс за време на нашето претседателство и покрај сите напори што ги вложивме и покрај инволвираноста на нашиот владин врв. Денес даваме поддршка на Португалија колку што можеме до максимум, рече Холштајн на дебатата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, во организација на Европското движење на С Македонија.
За Северна Македонија, подвлече Холштајн, не постои никаков друг простор за маневрирање, има црвени линии што не смеат да се преминат, а Владата покажа вистински добар став и покрај омаловажувањата во овој процес, со цел да не се нарушат добрососедските односи.
-Основната идеја на процесот на проширување е предвидливоста и пристапот што се заснова врз заслуги. Идејата прво беше Северна Македонија засебно да се земе во процесот на пристапување заради тоа што Албанија нецелосно ги исполни условите, меѓутоа зелено светло во март 2020 беше дадено на двете држави. Во меѓувреме и Албанија ги исполни двата услова што и беа дадени, така што нашето размислување, а Германија многу отворено тоа го кажа, дека треба да бидат ставен заедно во пакет. Силно веруваме дека ставањето во пакет ќе треба на некој начин да се задржи и има доволно оправдувања за тоа. Меѓутоа се разбира дека сакаме да видиме како ќе започнат преговорите за пристапување колку што е можно поскоро и со двете држави, рече таа.
Холштајн вели дека едногласноста е неопходна во европските институции, а обидите да се отстрани ваквиот пристап не биле досега успешни, особено во процесот на проширување.
-За таа тема едногласно треба да се одлучи. Значи 26 земји членки се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан. Не сакам да зборувам за Западен Балкан како наше соседство затоа што Западен Балкан е всушност дел од Европа и тие се поврзани, и ние сме сите поврзани со споделена и заедничка историја, и луѓето и економиите се многу повеќе испреплетени меѓусебе, рече Холштајн, додавајќи дека една силна ЕУ има потреба од силен и стабилен Западен Балкан и тоа отсекогаш било една од клучните цели на ЕУ и на самата политика на проширување.
Германија, рече таа, од таа страна ја поддржува политиката за проширување, денес фокусот е на Западен Балкан за да се обезбеди сигурност и стабилност на овој дел од Европа.
-Ние треба да ги одржиме европските перспективи во овој регион експлицитни и отворени. Спротивно на тоа ќе значи дека вратите ќе бидат отворени за надворешни сили кои имаат желба и се заинтересирани да навлезат во овој простор со цел да го дестабилизираат. Процесот на проширување мора да остане жив и е секогаш ќе им потреба од моменти кога ќе треба да ги разгледаме последиците од нашите одлуки и навистина да бидеме искрени едни со други, рече таа.
Холштајн е децидна дека мешани сигнали кои се праќаат до земјите аспиранти не е во корист на сите нас.
Дополнителни услови, смета Холштајн, уште повеќе ќе отворат можност за нови билатерални барања во иднина, па дури и ќе го кочат целиот процес со години или декади нанапаред.
Димитар Карапенов претставник на бугарската Амбасада во Скопје, кој се приклучи во дебатата, рече дека Бугарија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија.
-Перцепциите дека Бугарија на некој начин го опструира процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ е неточен. Неточни се тие забелешки. Секој треба да оди во заштита на своите национални интереси. Добрите соседски односи и соработка и целосната имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година се услов за евроинтеграција, рече тој.