На Владимир Талески му се заканува нов судски процес


Владимир Талески

Обвинителе акт за поренешниот градоначалник на Битола за превоз на ученици, набавка на масло за греење и за реконструкција на два моста

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Обвинителен акт за незаконски спроведувани јавни набавки во општина Битола во период од 2014 до 2017 година​ е покренат против бившиот градоначалник Владимир Талески, бившиот секретар на општината Слободан Бончановски и вработени во Општина Битола за сторени низа кривични дела. Овој обвинителен акт доаѓа во време кога Талески и Бончановски, заедно со превозници и директори на училишта во Битола ја чекаат одлуката на скопска Апелација дали ќе ги потврди затворските казни или пак ќе донесе ново решение за организирање на скапиот школски превоз. Талески првостепено е осуден на осум години затвор, а Бончановски на шест.

„Заврши јавната седница, треба да се разгледаат жалбите на обвинетите и списите на предметот, по што се очекува одлуката на Апелација за ‘Транспортер’“, ни изјави адвокатот Никола Главинче, кој застапува дел од обвинетите во овој случај.

Но, на повидок е нов „Транспортер“ или нов судски процес за Талески откако денска стаса веста во која Основното јавно обвинителство Битола до Основниот суд Битола достави обвинителен акт против Талески и Бочановски, како и членови на Комисијата за јавни набавки, за неколку дела поврзани со работењето на поранешната власт. Едно од нив е повторно поврзано со набавка за превоз на ученици за учебната 2015/2016 година, што е одделно од случајот „Транспортер“ кој го започна СЈО. Сега Талески се обвинува и за набавка на масло за греење за грејната сезона 2015/2016 година за училиштата и градинките во Битола, набавка за изведување на редизајнот и изградбата на два моста во Битола, како и незаконитости во постапката за реконструкција со доградба на мостот „Црн Мост“ во Битола.

Реконструкцијата на „Црн мост“ за која се товари Владимир Талески

Како што посочуваат од Обвинителството, градоначалникот донел одлука за јавна набавка без да ја утврди количината на набавката и само со утврдена вредност на набавката. И цените за превоз биле повисоки, иако за тоа немало реално оправдување.

„Обвинетиот С.Б. како секретар на општината, пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување и немајќи надлежност да постапува и да одлучува за јавни набавки, сепак го одобрил склучувањето на договорите со понудувачите по понудените повисоки цени. По даденото одобрување од секретарот на општината, членовите на Комисијата ја продолжиле постапката и спротивно на законот доставиле извештај до обвинетиот поранешен градоначалник кој донел Одлука за избор на најповолни понудувачи, по што бил склучени договори со вкупно четири друштва – превозници, од чие склучување за општина Битола од сите линии настанала штета во вкупна значителна вредност од 4.819.901 (78.000 евра)“, се наведува во соопштението.

Талески бил должен превозот на ученици да го организира како посебен линиски превоз со исклучување на други патници и по утврден возен ред. Тој тоа не го сторил, туку откако била спроведена постапка за доделување на пакет линии за вршење  на општински линиски превоз на патници во Битола и биле избрани најповолните понудувачи, со нив потпишал дополнителни договори за превоз и на учениците со важност од пет години.  

Талески се товари и дека незаконски постапил при набавка на масло за греење за грејната сезона 2015/2016 година за училиштата и градинките во Битола. Тој донел Одлука за набавка на лесно масло за горење за потребите на општина Битола, основните и средни училишта и детските градинки, без да ја утврди количината на набавката, туку само вредноста во висина од 24,5 милиони денари.

Битолската јавност уште во 2014 година реагираше на редизајнот и изградбата на два моста во Битола. Сега Талески се товари и за овој случај. Имено при редизајн на мостот под Безистенот била извршена исплата од над 2,3 милиони денари, иако реалната пазарна цена за изведување на овие работи изнесувала 1.8 милиони денари. Со ваквите дејствија обвинетиот ѝ нанел штета на општината во висина од близу половина милион денари.

Обвинителството го товари Талески и за незаконитости во постапката за  реконструкција со доградба  на мостот „Црн Мост“. Имено, првично реконструкцијата била со вредност од 36 милиони денари, Талески склучил уште три анекси кон основниот договор со кои вредноста на основниот договор се зголемила за  вкупно 13 милиони денари или за 35,94% и со кои наместо реконструкција се извршила изградба на нов мост, иако за тоа немало ниту одлука на Советот на Општината, ниту пак била спроведена соодветна јавна набавка.