На Велика Британија и се заканува рецесија, проценува централната банка


Британската централна банка денеска  ги зголеми клучните каматни стапки за да ја ограничи инфлацијата, истовремено предупредувајќи на заканата од рецесија поради високите животни трошоци што ќе ја намалат потрошувачката на домаќинствата.

Централната банка по четврти пат од декември ги зголемува клучните каматни стапки, за четвртина процентен бод, на еден процент, што е највисоко ниво од 2009 година.

Инфлацијата во март достигна седум отсто, највисоко ниво во последните 30 години, а до крајот на годината ќе надмине 10 отсто поради поскапувањето на струјата и бензинот за домаќинствата, прогнозира централната банка.

Оттаму ја потврдија и прогнозата дека британската економија годинава треба да порасне за 3,75 отсто, но предвидуваат пад на активноста во последните три месеци и тоа за еден отсто, бидејќи домаќинствата ќе ја намалат потрошувачката поради повисоките трошоци.

Реалниот расположлив приход на домаќинствата се очекува годинава да опадне за 1,75 отсто, што е најсилен пат од 2011 година.

Во ваков амбиент, банката очекува благ пад на економската активност следната година, за 0,25 отсто.