(Видео) На Трамп не му се допадна прашањето, па ја напушти конференцијата


Американскиот претседател Доналд Трамп нагло ја напушти вчерашната конференција за новинарите откако новинарка го праша за неговата лажна изјава за здравствената грижа за ветераните која ја има повторено 150 пати.

Трамп на конференцијата повторно изјави дека тој е тој кој ја одобрил здравствената програма за ветераните.

„Се обидуваа тоа да го проголтаат со децении и децении и децении. Ни еден претседател тоа не успеа да го среди. Освен мене“, рече Трамп.

„Изборот на ветераните“ ја покрена Барак Обама.

Но, вистината е дека програмата „Избор на ветераните“ ја постави претседателот Барак Обама кој законски ја одобри во 2014, пишува Си-ен-ен.

Трамп всушност го потпиша законот VA MISSION од 2018 година со кок се проширија критериуми за таа програма. Место да го изнесе вистинскиот тек на работите, Трамп повторно нагласи дека тој е единствен заслужен за програмата, наведувајќи дека другите претседатели не успеале да ја протуркаат програмата во последните „50 години“.

„Со што постојано тврдите дека вие сте ја одобриле програмата „Избор на ветераните“? праша новинарката Паула Рид од Си-би-ес Њус.

Трамп се обиде да го игнорира нејзиното прашање и да одговори на прашање на друг новинар, но таа беше упорна.

„Рековте дека сте ја одобриле „Избор на ветераните“. Таа е одобрена во 2014 година… Изнесовте лажна изјава“, продолжи Рид.

Потоа Трамп застана и рече: „Во ред. Многу ви благодарам на сите“, и замина од конференцијата.

Досега ни еден новинар на овој начин не го испрашувал Трамп за неговите изјави за „Избор на ветераните“.