На Тошо или не – тешко паѓа бетонското здание пред „Мавровка“


Фото: Б. Грданоски

Втор ден екипите на „Македонија пат“ работат на уривање на дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“, а бетонската градба тешко се руши. Со два багери и големо полицискио обезбедување продолжува уривањето, кое почна вчера, еден ден по владината одлука дивоградбата да ја урне „Македонија пат“ откако ниту една фирма не се јави на огласите на Општина Чаир.

Вчера, првпат во јавноста се појави и сопственикот на дивоградбата, Мевљудин Алити, кој тврдеше дека имал одобрение да го обнови објектот и се закани дека за целата работа ќе тужи пред македонските судови, но и во Стразбур.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска рече дека примерот со почетокот на уривање на дивоградбата кај „Мавровка“, начинот и модалитетот, ќе значи дестимулирање на граѓаните да влегуваат во незаконити дивоградби.

– Не може да се прави споредба на претходниот простор со оваа грдосија што се изгради пред ТЦ „Мавровка“ – рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање.

Фото: Б. Грданоски

– Таму е легализиран објект кој беше долго време во сутеренски простории. Да не се правиме на Тошо и да тврдиме дека тоа што било предмет на легализација, за што сопственикот платил надоместок, е ова што се руши. Во секој случај, рушењето е позаконито од дивоградбата –
рече Шилегов.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во одговор на новинарско прашање дали вчерашнот пример со уривањето на дивоградбата кај ТЦ Мавровска во Скопје ќе стане пракса и во останатите општини рече дека општините треба да си ги преземат своите одговорности и да ги решаваат овие проблеми.

-Ваквиот тип објекти од втора категорија се под директна надлежност на локалната самоуправа и локалните власти. Апелирам до сите локални самоуправи и до сите градоначалници да си ги спроведат постапките за избор на фирми коишто ќе вршат ваков тип на извршување после завршени постапки и после инспекциски надзор со донесено решение за уривање на одреден нелегален објект. Во таков случај општините треба да си ги преземат своите одговорности и да ги решават овие проблеми, бидејќи тие се на локалната самоуправа, изјави Бочварски.

Фото: Б. Грданоски

За случајот со Мавровка, појасни постапил инспектор и има донесено решение, општината во неколку наврати добро познати на јавноста се обиде да најде фирма што ќе го изврши отстранувањето на овој објект. Од страна на инспекторот беше побарано и од самиот инвеститор на објектот првично да го отстрани, а доколку не го отстрани тогаш се пристапува кон извршување од страна на општината. Не се случи ниту првото, ниту второто, и токму поради тоа преку препорака од Владата до Управниот одбор на „Македонија пат“ се донесе решение за соработка помеѓу „Македонија пат“ и Општина Чаир со цел да и се помогне на општината и да ѝ се излезе во пресрет, прецизира Бочварски.