На Табановце претпладне поминале над 3.000 патници


Фото: Б. Грданоски
На граничниот премин Табановце до 10 часот поминале вкупно 3.217 патници, сооштија денеска од МВР. Од нив во земјава се влезени 1.984 лица од кои 1.308 домашни и 676 странски државјани. Од државата излегле 1.233 патници, од кои 912 домашни и 321 странски државјани.

И на српска страна се пуштаат македонски патници без ПЦР тест и без карантин.

На двата гранични премина, на македонско – албанската граница кај Дебар, пак, од полноќ до 14:00 часот минале 274 патници.

Како  што изјави за МИА портпаролот на Секторот за внтарешни работи од Охрид, Стефан Димоски, на граничниот премин „Блато“ поминале 254 лица, од нив за влез во државава 173 и тоа 22 македонски и 151 странски државјанин. За излез се регистрирани 81 патник, 35 македонски и 46 странски државјани. На Џепиште – Требиште, пак, поминале 20 патници, за влез 18 странски, а за излез двајца македонски државјани.

-На двата гранични премина контролата се одвива без проблеми и нема задржување, нагласи Димоски.

Граничниот премин „Блато“ работи 24 часа, се наоѓа на четири километри од Дебар. Во летниот период, посебно во јули и август, се регистрираат и до две илјади преминувања, поради големиот број македонски државјани кои заминуваат на одмор на албанското крајбрежје, пред се на Шенгин, кој е поблиску преку овој премин.

Вообичаено минуваат по 300 патници, освен во саботите кога во Дебар е пазарен ден и тој број е двапати поголем, поради доаѓањето на граѓаните од пограничните села.

Џепиште – Требиште со нашата земја ја поврзува областа Голо Брдо, а се наоѓа на петнаесеттина клометри од Дебар. Преминот е од локален карактер и во летниот период работи од 6:00 до 20:00 часот. Може да помине само локалното население од двете страни на границата. Дневно тука минуваат по стотина патници.

Владата на 72-та седница донесе одлука од денеска целосно да бидат отворени сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови и без упатување во домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин.