На „Стартапувај 3″ пристигнати 616 апликации од компании и проектни тимови


Вкупно 616 апликации се пристигнати на јавниот повик „Стартапувај 3″ што го обајви Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Околу 42 отсто од нив се на проектни тимови, што е и новина воведена првпат на овој повик, а останатите се на веќе постоечки компании.

Вкупно 493 или 80 проценти се нови апликанти, компании и тимови кои првпат аплицираат на некој од повиците на ФИТР.

Износот на инвестицискиот циклус е околу 29 милиони евра од кои компаниите и проектните тимови побаруваат околу 87 проценти или 25 милиони евра. Вкупниот буџет, пак, на овој повик изнесува два милиона евра што значи дека побарувачката на средства е поголема за 12,5 пати.

На „Стартапувај 3″ аплицирале компании од сите сектори, но предничат ИТ, додека учеството на жените како сопственици и управители на фирми е 49 отсто. Апликации има од секој град и од сите плански региони.

-Пристигнаа рекорден број апликации. Покрај финансиска поддршка, ФИТР преку своите партнери, за компаните обезбеди дополнителна поддршка, односно повластени банкарски услови, како и кредит за користење на клауд платформата, истакна Тања Илиевска, раководител на Сектор во Фондот.

Илиевска истакна дека следува фазата на предселекција во која аплиакциите/проектите ќе се оценуваат од три домашни лица. Мандатот за финален избор, како и за сите останатие инструменти на ФИТР, ја носи Комитетот за одобрување инвестции, составен од пет меѓународни експерти.