На СП во Катар ќе се користи полуавтоматска технологија за одредување офсајд


За време на овогодинешното Светско првенство во Катар (21 ноември – 18 декември) ќе се користи полуавтоматска технологија за одредување офсајд, таканаречената САОТ (SAOT), соопшти ФИФА.
САОТ ветува попрецизни и побрзи одлуки поврзани со офсајд од сегашната ВАР технологија. Се состои од серија камери стратешки поставени на стадионите и чип кој ќе биде вграден во топката. Оваа технологија е веќе тестирана на два натпревари во изминатите седум месеци, а до СП во Катар ќе се одржат уште неколку САОТ проверки.

„Работевме на подобрување на употребата на ВАР, особено на побрзо донесување одлуки. Свесни сме дека понекогаш проверките траат предолго, особено кога станува збор за одлуката за офсајд. Тестирањето на новиот систем беше голем успех и ние сме сигурни дека во Катар ќе биде многу вредна алатка која ќе им помогне на судиите да донесат правилни одлуки“, изјави претседателот на Судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.

И покрај воведувањето на оваа технологија, Колина инсистира дека линиските судии сепак ќе бидат одговорни за одлуките на теренот.