На состанокот на „Пријателите на Западен Балкан“ бил заменик-министерот Зоран Димитровски
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Зоран-Димитровски-Рим.jpg)
Не од Министерството за надворешни работи, туку од Демократскиот сојуз стигна соопштение дека Македонија денеска имала свој претставник на министерскиот состанок во Рим на групата „Пријатели на западен Балкан“ со министри од шесте земји на Западен Балкан. На состанокот бил заменикот-министер за надворешни работи, Зоран Димитровски, кој е кадар на Демократскиот сојуз. Домаќин на состанокот беше министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, а на него учествуваа и шефицата на европската дипломатија Каја Калас и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Во соопштението на ДС се наведува дека Димитровски имал свое обраќање на двете работни сесии, „Зачувување на нашата заедничка сигурност и безбедност: зајакнување на соработката со Западен Балкан“ и „Забрзување на пристапот на Западен Балкан во ЕУ: заеднички приоритети за патот напред“.
Заменикот министер за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на средба на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и министрите за надворешни работи на земјите од групата “Пријатели на Западен Балкан” во Рим, 10.02.2025 година.
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и министрите за надворешни работи од групата “Пријателите на Западен Балкан” (Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија) во процесот на проширување на ЕУ, што се одржа во Рим, на покана на вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани.
Тој ги изнесол очекувањата на Македонија Копенхашките услови да бидат главен критериум за полноправно членство во ЕУ, а не билатералните прашања со земји членки на ЕУ, особено оние од историски и идентитетски карактер. Димитровски нагласил дека за регионот на Западен Балкан не постои друга одржлива алтернатива освен полноправното членство во Европската унија. Тој ја поздравил идејата на земјите пријатели на Западен Балкан за забрзување на постепената интеграција на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар, како и за продлабочување на ангажманот и соработката на полето на европската заедничката надворешна и безбедносна политика.
Групата „Пријателите на Западен Балкан“ ја сочинуваат Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија.