На сметката за донации стигнале речиси три милиони евра


Македонските граѓани и компании покажале висока свест за здравствената криза во земјата. Според увидот што го направила Државната комисија за спречување на корупцијата, само во пари на специјалната сметка на Министерството за здравство се слеале речиси три милиони евра (178 милиони денари) донации. Сретствата, според податоците што ги добиле во ДКСК, се бидат инвестирани во опремување на оддели за интензивна нега во 25 здравствени центри во земјата.

Во магацин специјално одреден за оваа намена се чувале и донациите во заштитна опрема и материјали кои педантно се евидентираат така што, според наодите на ДКСК, во секое време министерот за здравство знае  со што располага внатре.

-Направен е попис на донациите, заведени се електронски и во секој момент се знае колку и што има внатре, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, која била изненадена од педантноста на целиот процес.

За да биде сликата целосна, од ДКСК, сепак, побарале Министерството за здравство да направи список и на сите донации што биле дадени директно на здравствените организации, за да не се случи да бараат нешто што веќе имаат.

Во врска со епизодата во Тетово, каде директорот на Клиничката болница Флорин Бесими деновиве одби да прими донација дадена од казино, а покрај тоа и со нереално висока цена за креветите, Ивановска  вели дека донациите повлекуваат даночни олеснувања за компаниите, но постои начин да се утврди дали некои од нив ги злоупотребуваат, пријавувајќи поголема сума од реалната, за да повратат повеќе данок, а во исто време и да си направат реклама.

Според Ивановска, секој донатор треба да склучи договор со тој што ја прима донацијата во кој се наведува и сумата, и потоа донацијата да ја пријави во УЈП која, пак, има начин како да ја провери вистинската вредност преку фактурите за набавените производи. (С.Ј.)