На сметката за донации собрани 800.000 евра


 

Слободанка Јовановска

Околу 800.000 евра е финансиска помош што „легнала“ на сметките што специјално за справување со корона вирусот ги отвори Министерството за здравство неодамна.

Во неа не влегуваат  парите што доаѓаат од странските донатори, а кои се наменети за медицинска опрема или за поддршка на економскиот сектор во земјата кој е загрозен од кризата. Тука не влегуваат ни бројните донации во медицинска и друга заштитна опрема, производи или услуги што секојдневно ги даваат многу домашни компании за да покажат солидарност во справувањето со епидемијата.

Обезедените сретства од специјалната сметка за донации ќе бидат употребени за учество на огласите за јавни набавки на ЕУ, каде што Македонија доби пристап, и преку нив ќе може  да обезбеди поевтина медицинска опрема и, што е најважно, да има организирана достава за неа.

Договорот за учество во јавните набавки на ЕУ треба да го потпише министерот Венко Филипче, а со него значајно ќе се олесни обезбедувањето медицински сретства, за кои има огромна побарувачка во моментов, а проблем беше да се донесат дотука бидејќи многу земји воведоа рестрикции на нејзиниот извоз, а и комуникациите се нарушени со епидемијата. Досега, двапати се случило да се нарача некоја опрема, а некој да понуди повисока цена и да ни ја земе.

Ова се донациите од странските држави и на дел од компаниите во Македонија:

  • ЕУ обезбеди четири милиони евра за итни медицински потреби на Северна Македонија, како одговор на кризата со Ковид-19. Помошта од ЕУ овозможува набавка на маски, вентилатори, комплети за тестирање, медицинска опрема и значителни количини на опрема за лична заштита. Тековната помош е дел од солидарниот пакет помош на ЕУ за нашата земја во висина од 66 милиони евра, наменет за справување со состојбата со корона вирусот. Во рамки на пакетот, освен овие четири милиони евра за итни медицински потреби, ЕУ обезбедува и 50 милиони евра за социо-економско закрепнување, девет милиони евра за помош на приватниот сектор и три милиони евра директна буџетска поддршка.

  • САД обезбедија 1,1 милион долари помош за Македонија со која, во договор со нашите институции, ќе се обезбедува потребна медицинска опрема. Исто така, договорена е заштитна опрема за Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство од 30.000 долари.
  • Германија обезбеди поддршка за Инфективната клиника, за Неурохирургија и за Карил за третирање на болните од КОВИД-19 во вредност од 40.000 евра.
  • Турција денес обезбеди донација од 50.000 парчиња заштитни медицински маски, 1.000 заштитни скафандери и 1.000 дијагностички тестови.
  • Унгарија даде донација за Министерството за внатрешни работи која се состои од 100.000 маски и 5.000 заштитни едноделни одела.

  • Словенија донираше 110.000 евра во заштитна опрема – 100.000 заштитни маски и исто толку пара ракавици наменети за македонската полиција.
  • Норвешка најави 25 вентилатори и медицинска опрема за Инфективната клиника во вредност од 180.000 евра (сѐ уште во процедура).
  • Холандија најави 4.000 тестови за за коронавирус базирани на нуклеарна технологија кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Светската здравствена организација. Исто така ќе обезбеди и машини за тестирањата за Институтот за јавно здравје и за Ветеринарниот институт.
  • Бугарија најави 300 заштитни одела за армијата.
  • Кина најавила помош за Министерството за здравство во вредност од 30.000 евра во опрема.
  • ОБСЕ обезбедило заштитна опрема за институциите од 37.200 евра и 16 возила за Црвениот крст за дистрибуција на потребни производи во селата.
  • Британската амбасада во земјава донираше опрема за Армијата за поддршка за нивното справување со ситуацијата со коронавирусот која се состоеше од заштитни ракавици и повеќе видови пумпи на висок притисок и рачни пумпи за дезинфекција.

  • „Алкалоид АД Скопје“ донираше  12.300.000 денари (200.000 евра) на посебната наменска донаторска сметка на  Министерството за здравство формирана за целите на справување со здравствената криза.и  ги намали цените на 158 свои производи најпотребни во моментов, од средства за дезинфекција до лекови. Исто така, оваа компанија даде средства за дезинфекција и антибактериски гелови на Скопската зоолошка градина.
  • Комерцијална банка АД Скопје обезбеди парична донација во износ од 6.150.000 денари и дополнителна заштитна опрема (34.250 медицински заштитни маски за лице) во вредност од 1.200.000 денари за потребите на Министерството за здравство.
  • Менаџментот на Тутунски комбинат Прилеп одлучи дел од платите за месец април да донира во Фондот за солидарност Кивид-19.
  • НЛБ Банка донираше 50.000 евра, од што дел за набавка на кревети за Инфективната болница  во Скопје, а другите на отворената сметка на Министерството за здравство.
  • Макпрогрес Виница донираше 50.000 денари за Министерството за здравство, како и донации за СОС Детското село и заштитна опрема  за локални институции.
  • Државна лотарија даде над 11 милиони денари за јавното здравство , најголемиот дел како финансиски сретства на отворената сметка, а мал дел како заштитна опрема за децата што боледуваат од малигни болести и за Гинеколошката клиника „Мајка Тереза“.
  • Витаминка од Прилеп даде 3,5 милиони денари како финансиски донации, опрема, медицински потрошен материјал, сретства за дезинфекција и тестови. За вработените во Инфективната клиника во Скопје обезеди 170 пакети со храна.
  • Штипската групација „Езимит“ предвреме уплати 6 милиони денари по основ на данок на добивка за да го помогне државниот буџет.
  • ЕУРО-ФАРМ донираше 50 болнички кревети за потребите на  Инфективна клиника во рамките на Клиничкиот центар ,,Мајка Тереза“.
  • Меѓународното училиште „Нова“ и фабриката „Жито Пром“ од Гевгелија донираа заштитна медицинска опрема односно маски, визири и скафандери за Инфективната клиника во Скопје и Општата болница во Гевгелија. Воедно, тие обезбедија и месечно снабдување со кроасани за сите 170 вработени на Инфективната клиника, за 110 социјално загрозени семејства во Гевгелија, како и за Црвениот крст во Скопје (за 40 луѓе кои работат во мобилните тимови, 150 бездомници, 150 деца на улица и 70 стари и изнемоштени лица кои периодов не се во можност да излезат од своите домови).
  • „Тинекс“  донираше повеќе производи во вредност од 100.000 денари за потребите на Клиниката за Инфективни болести во Скопје. Материјалната донација на „Тинекс“ се состои од  постелнини и средства за лична  хигена.
  • Општина Карпош доби како донација две цистерни за дезинфекција од  компаниите „Анизор“ и „Гранит“.
  • Компанија АЛФИ БИ Компани/ Алфи Техноцентар Куманово донираше 2.500 заштитни маски, 100 перници  и 100 јоргани.
  • Битолска млекара обезбеди финансиска помош за ургентните потреби на Министерството за здравство и  за сервис и репарација на апаратите за респираторна нега,коишто се потребни за Инфективната клиника во Скопје. Исто така, предвремено ја уплати вкупната аконтација на данок на добивка за тековната година во вредност од 15 милиони денари, а претходно донираше финансиски средства и набави два пациент монитори во Клиничката болница Битола, како и производи за најранливите групи граѓани во овој град. За граѓаните од кризниот регион во Дебар и Центар Жупа во најкритичните моменти, компанијата достави донација од 3.000 литри јогурт.
  • Македонски телеком обезбеди мобилен интернет за далечинско учење за 30.000 основци и средношколци од семејства во социјален ризик.
  • Пчеларите од здружението „Пчела“ од Куманово собраа мед и прополис и го донираа на здравствените работници од Куманово. Во акцијата собрани се 120 килограми мед и триесетина килограми прополис .
  • Актуелниот македонски фудбалски шампион Шкендија донираше помош за болницата во Тетово, Пандев донираше за болницата во Струмица, Тихо Костадинов за гевгелиската болница, Кире Лазаров за Свети Николе и Илија Несторовски за Прилеп.
  • Навивачката група „Комити“  се вклучи во помагањето во борба против корона вирусот. Подржувачите на Вардар за потребите на здравствените работници донираа 1000 маски, 40 заштитни мантили и десетици средства за дезинфекција.
  • Сојузот на Ротари клубовите донираше опрема и финансиски средства како поддршка на здравствениот систем во борбата против Ковид-19. Најновата од низата донации се состои од медицинска опрема и материјали и тоа: четири монитори за пациенти, 15 пулсоксиметри, 100 заштитни визири, 1.000 заштитни маски KN95-A за медицинскиот персонал и 200 крпи. Вредноста на оваа опрема и материјали изнесува над 1,4 милиони денари кои се собрани како лични донации од членовите на Ротари клубовите.